Кисела Вода субвенционира печки на пелети, материјали за реконструкција на фасади на станбени згради и поправка на лифтови

209

И оваа година Општина Кисела Вода излегува со сет мерки за финансиска поддршка на своите жители. Објавени се јавни повици за субвенционирање на набавка на печки за пелети, за кофинансирање при набавка на термоизолациски материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, како и за поправка и санација на постоечки лифтови во згради на подрачјето на општината. Во наредните месеци, ќе бидат објавени јавни повици и за субвенционирање на набавка на пелети и за огревно дрво. Сите критериуми и услови за учество се достапни на веб страницата на Општина Кисела Вода, а принципот врз кој ќе се врши селекција ќе биде по критериумот „прв дојден-прв услужен“.

За субвенцијата за набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на згради, можат да аплицираат заeдниците на сопственици или Управители на станбени згради за колективното домување чии станбени згради се изградени пред 2010 година. Јавниот повик ќе трае 60 дена од датумот на објавување, а локалната самоуправа финансиски учествува со парични средства во висина од 60% од вредноста.

Во поглед на финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови во станбени згради, Општина Кисела Вода ќе учествува со средства во износ од 30% од вредноста, но не повеќe од 200.000 денари. Право на учество имаат сите влезови поединечно, кои имаат регистрирано заедница на сопственици на станови, или имаат избрано управител на станбените згради. Јавниот повик ќе трае до исцрпување на предвидените средства за оваа намена, а најдоцна до 31.10.2024 година.

Субвенционирањето на набавка на печки за пелети, од страна на Општина Кисела Вода ќе биде во износ од 50% од вредноста, но не повеќe од 20.000 денари со вклучен персонален данок на доход.

Согласно Програмата за локален економски развој на Општина Кисела Вода за 2024 година, вкупниот износ за овие три субвенции што ги обезбеди локалната самоуправа изнесува 2.100.000 денари.