Кина го нарече Помпео “богомолка”

19

Кина го спореди државниот секретар на САД во заминување Мајк Помпео со богомолка во живописна осуда по најновиот пакет санкции од САД воведени поради масовни апсења на продемократски активисти во Хонг Конг.

Помпео, еден од најжестоките противници на Кина во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, ги помина последните денови на функцијата најавувајќи низа мерки против Пекинг пред инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден

Меѓу нив има и нови санкции против шест кинески функционери, вклучувајќи го и единствениот претставник на Хонг Конг во кинескиот Парламент, како одговор на неодамнешното апсење на 55 продемократски активисти според новиот закон за национална безбедност.

– Преминувањето на Хонг Конг од хаос кон стабилност е незапирливо, соопштија од кинескиот оддел одговорен за Хонг Конг и Макао во првата реакција на санкциите.

– Луѓето како Помпео не се ништо друго освен комични богомолки кои залудно се обидуваат да ги запрат тркалата на историјата, велат од канцеларијата, повикувајќи се на една кинеска метафора за богомолка која се обидува да запре кочија со нозете.

Санкциите на САД „се политички трик откако ќе се потрошат сите други трикови“, соопшти канцеларијата повикувајќи го Помпео да ја заврши својата шоу програма.