Македонскиот, европски и регионален шампион Вардар им се врати на победите, откако во 6. коло од Б – група на домашен терен го совлада белорускиот шампион Мешков Брест со 36:31  На овој натпревар прв пат по санирање на повредата во игра влезе и капитенот Стојанче Стоилов и постигна два гола.

„Црвено – црните“ одиграа многу лошо прво полувреме и покрај тоа што го добија со два разлика 19:17. Вардарци во првите дваесет минути постојано ја имаа предноста од еден – два гола, а потоа за четири минути успеаја да ја удвојат на четири гола 17:13 во 24 минута. Но од овој момент па се до полувремето постигнаа само два гола, наспроти четири на гостите и на полувремето заминаа со предност од само два гола 19:17.

На почетокот од второто полувреме, Вардар со серија од 3:0 ја зголеми предноста на пет гола 23:18. Некаде до половина од вториот период вардарци ја држеа предноста од пет – шест гола, а поради неефикасноста на голманите тренерот Едуард Кокшаров, шанса му даде на младиот Марко Кизиќ, кој со две одбрани во низа го запали гледалиштето. Потоа до крајот на натпреварот македонскиот шампион само ја одржуваше високата разлика и му одржуваше ракометна лекција на белорускиот тим.

Најефикасен во македонскиот тим на овој натпревар беше Криштопанс со 9 гола, Чупиќ постигна 7, Скубе 6, а Калараш 5 гола. Мора да се напомене и дека за половина полувреме Кизиќ забележа 4 одбрани.

Со оваа победа Вардар се искачи на второто место на табелата во групата со 8 бода, зад Кил со 9. Следниот меч македонскиот шампион пак го игра дома во сабота против Киелце.

Фото. П. Стојановски