Кафеаните се затвараат до пролет ?!

Угостителите се подготвени да стават клуч на врата до крајот на зимата, доколку тоа помогне да се спречи ширењето на заразата. Тие не очекуваат дека напролет ќе има подобрување на состојбата и лесно и брзо закрепнување на секторот со олабавување на мерките за условите и начините за работа на угостителските објекти. Напротив, предвидуваат дека ќе следува целосен колапс на угостителската индустрија, затворање на кафеаните и губење на она што на граѓаните им го разубавуваше и им го правеше денот и животот интересен, ведар и весел

711

Угостителите бараат нов петти пакет за помош, бидејќи сметаат дека сите досегашни мерките за помош и поддршка на угостителството се далеку од доволни. Дел од угостителите затворија, а другите поради недостиг на гости се подготвуваат да стават клуч на врата до крајот на зимата, доколку тоа помогне да се спречи ширењето на заразата. Покрај долговите и неплатените обврски, угостителите имаат проблеми со извршители, добавувачи…. Последната мерка, кратење на работното време до 21 часот, им ги зголеми загубите и го намали и така малиот број на гости во угостителските објекти.
-Од сите четири пакети мерки кои изнесуваат вкупно една милијарда и 20 милиони евра, пари ќе добијат само 0,1 отсто од вкупно 6.500 угостители кој побарале финансиска помош. Она што е уште попоразително, жално и фрапантно е дека распределбата на оваа финансиска помош е замислена да се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“, наведува претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски.
Што се однесува до мерката грантови за ресторани за свадби од неколку стотина угостителски објекти кои ќе се изјаснат дека се т.н. ресторани за свадби, неповратна финансиска помош ќе добијат едвај 120 угостители.
Од НУК сметаат дека оние ресторани што ќе добијат грант зашто се декларирале дека се „ресторани за свадби“ ќе треба да се откажат да работат ала кард – “à la carte”. Во спротивно, доколку остваруваат дополнителни приходи ќе мора да ја вратат поддршката. Рестораните, пак, кај кои е востановено дека за време на забраната за организирање прослави, веселби и свадби, организирале свадби и други прослави во своите објекти или се казнети и јавно прозвани за прекршување на мерките, нема да имаат право да учествуваат на овој јавен повик.
Според угостителите, не може поддршка да добијат само „рестораните за свадби“, бидејќи поради пандемијата сите ресторани, односно угостителски објекти од 14 март до 28 мај беа затворени, а после работеа во согласност со важечките протоколи, со исклучок на ноќните клубови и дискотеките. Поради тоа, тие сметаат дека не постојат ресторани кои биле или се издвоени и посебно затворени поради КОВИД.
Угостителите не очекуваат дека напролет ќе има подобрување на состојбата и лесно и брзо закрепнување на секторот со олабавување на мерките за условите и начините за работа на угостителските објекти. Напротив, предвидуваат дека ќе следува целосен колапс на угостителската индустрија, затворање на кафеаните и губење на она што на граѓаните им го разубавуваше и им го правеше денот и животот интересен, ведар и весел.
За реално подобрување на состојбата ќе треба да поминат месеци и години по завршувањето на пандемијата. Тоа сигурно нема да биде оваа пролет кога само ќе се пребројуваме колку од нас опстанале и дали веќе и понатаму ќе го имаме истиот елан и желба за работа во оваа индустрија.

(А.С.)