Катната гаража во Куманово во употреба до крајот на мај

55

Поставувањето на монтажната катна гаража во центарот на Куманово доцни бидејќи се поставуваат и санитарни јазли за јавниот тоалет во градот, информираше градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски на последната седница на советот. Изведувачот и ЈП „Водовод“ извршиле дополнителни зафати за приклучок кон фекалната канализација и за електрична енергија.

– Поставувањето е при крај и се очекува да заврши до крајот на овој месец по што ќе може да се користи, но реално ќе биде пуштена во употреба откако катната гаража со одлука на Советот ќе биде предадена на користење на ЈП „Куманово Паркинг“. Дотогаш ќе може да се користи без финансиски надоместок – рече Димитриевски.

Тој очекува да се зголеми бројот на паркинг места во овој дел од градот и да се подобрат приходите на самото претпријатие кои веќе во последнава година се зголемени.

– Монтажната катна гаража и јавните тоалети на овој дел ќе функционираат се додека не се изгради подземна гаража, административна зграда на општината кај „Чоробенско ќоше“, за што веќе е донесена одлука на совет во изминатиот период – рече Димитриевски.

Кумановскиот градоначалник информираше дека приходите на „Куманово-паркинг“ по основ на примарната дејност, наплата од паркинг веќе се зголемени, а се очекува наскоро да се почне и постапка за јавно-приватно партнерство во однос на јавното осветлување во градот. Директорот на претпријатието, Фадиљ Шабани информираше дека додека трае поставувањето на катната гаража не регистрираат загуби по однос на користење на тој простор, бидејќи во околината има доволен број на паркинг места.