Каталонските лидери пред суд: Пресудата е одамна донесена!

21

Демонстранти ги блокираа автопатиштата во Каталонија во вторникот пред почетокот на судењето на 12 каталонски сепаратисти во Мадрид, обвинети по повеќе точки, меѓу кои и за бунт за време на неуспешниот обид за сецесија, кон крајот на 2017 година.

Каталонските сепаратисти се обвинети и за поттикнување на бунт, што не подразбира насилство, како и за непослушност и злоупотреба на јавните фондови.

Шпанското државно обвинителство бара затворска казна од 25 години за поранешниот потпретседател на каталонската Влада, Ориол Жункерас, кој со другите обвинети во петокот беше донесен од притвор во Каталонија во Мадрид. Меѓу другите обвинети се и осум поранешни министри на каталонската Влада – Раул Ромева, Жозе Карлес Мундо, Санти Вила и Мерихел Борас. Обвинети се и поранешната претседателка на каталонскиот Парламент, Карме Форкадел и двајца лидери на невладини организации Жорди Санчез и Жорди Куижарт.

Тие се обвинети за бунт против Шпанија, како и за злоупотреба на јавните фондови за организирање на референдумот, кој беше забранет од страна на шпанскиот Уставен суд.

– Ќе им се суди на чесни луѓе бидејќи сакаа да го дадат гласот за народот на Каталонија. Проблемот на каталонските демократи е проблем на европските демократи, изјави претседателот на каталонската Влада, Ким Тора.

Тој побара од Европската унија да интервенира за ослободување на политичките затвореници, а исто така побара и од шпанската социјалистичка Влада да го признае правото на самоопределување на народот.

Инаку, на судењето повикани се повеќе од 500 сведоци, меѓу кои и поранешниот шпански премиер Маријано Рахој, потоа претставници на шпанската Влада и покраинската администрација, како и претставници на полицијата и обични граѓани. Судењето се пренесува во живо на телевизија и на интернет, а се очекува да трае најмалку три месеци, додека одлуката ќе биде донесена, исто така по неколку месеци.

Претседателот на Врховниот суд, Карлос Лесмес судењето на сепаратистите го оцени како најважен процес откако во Шпанија е воведена демократијата во 1977 година, по смртта на диктаторот, генерал Франсиско Франко.

Каталонските сепаратисти пред почетокот на судскиот процес го обвинија шпанскиот Врховен суд дека е марионета на шпанската Влада и оти пресудата однапред е донесена и истата ќе биде политичка.

Судењето почнува во време кога шпанскиот премиер Педро Санчез се обидува да го „протурка“ буџетот во Парламентот, за што неопходна му е поддршка од партиите на каталонските сепаратисти. Со оглед на тоа што европските држави внимателно ќе го следат судењето, Санчез минатата недела ги посети Европскиот совет, како и Европскиот суд за човекови права, бидејќи целиот случај на крај би можел да се најде пред Судот во Стразбур.

Во Каталонија на 1 октомври 2017 година одржан е референдум за независност и покрај забраната од шпанскиот Уставен суд, а на 27 октомври прогласена е независност. Но, независноста не заживеа бидејќи Мадрид презеде директна контрола над покраината со 7,5 милиони луѓе.