Карневалите на Корча за старт на МТФ Скупи, Жени пред нервен слом… – за крај

212

Со претставата „Карневалите на Корча“, во продукција на Косовскиот национален театар од Приштина,  на 21 октомври (20 часот) на сцената на Театар комедија во Скопје  стартува 13. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Скупи“.

До 27 октомври публиката ќе има можност да види седум театарски остварувања од седум земји Косово, Бугарија, Русија, Словенија, Србија, Албанија и Македонија.

„Годинава од стотина пристигнати претстави селектиравме седум и тие се жанровски различни, но се работи за претстави кои се исклучителни актуелни во земјите од каде доаѓаат, имаат бројни гостувања надвор од државата, а  некои се и наградени“ вели Осман Ахмети уметнички директор на ИТФ „Скупи“.

По претставата „Карневалите на Корча“ комедија од 19. век, која укажува на природата на богатите луѓе и нивната тенденција да ги диригираат браковите на членовите на семејството, на 22 октомври ќе биде прикажана „Вујко Вања“ на Чехов во изведба на бугарскиот театар Вазраждане од Софија, претстава која зборува за малите безначајните луѓе во обичното општество. На 23 октомври на програмата на фестивалот е приказната за невообичаени жители на ирско село,  „Осамениот запад“ на авторот Мартин МекДона, во изведба на рускиот театар „У моста“ од Перт.

Претставата „Жените на Ибзен“ во изведба на ансамблот на Покет театар Студио, е на 24 октомври. Без Ибзен – зад сцената – е жена која не сака да се заглави, и во нејзината психа, создава лавиринт на нашите модерни денови. „Кири и Клодел“, драма која го опишува процесот во кој од секој срушен мит излегува нов мит, кој спречува натамошно трагање, но во исто време обезбедува значење и утеха, во изведба на Пулс театарот од Белград, Србија е на 25 октомври.

Претпоследниот ден на фестивалот, поточно на 26 октомври, ќе биде изведена “Добра ноќ, мајко“ на Метропол театар од Тирана, Албанија, претстава за ќерката Џеси и нејзината мајка Телма, а почнува со тоа што Џеси ú кажува на мајка си дека вечерта планира да се самоубие.

Фестивалот „Скупи“ ќе заврши на 27 октомври со претставата „Жени пред нервен слом“, на Театар комедија, а според филмот на оскаровецот Педро Алмодовар. Неговите ликови поминуваат низ турбулентни прекрасни лавиринти, но на крајот секогаш ја пронаоѓаат светлината.

За наградите ќе одлучува тричлено жири Уљка Мујо, Емин Аземи и Борче Начев.

Во однос на лани, оваа година „Скупи“ добил поголема финансиска поддршка од Министерството за култура (3, милиони денари), но и, како што велат, симболична сума од Град Скопје.