Кардиолозите тврдат дека попладневниот одмор влијае на намалување на крвниот притисок

29

Спиењето попладне е поврзано со намалување на крвниот притисок и намалување на ризикот од срцев удар и други кардиоваскуларни болести, покажуваат податоците презентирани на годишната конференција на Европското здружение на кардиолози што се одржа во Лондон, објави Ај-Еф-Ел Сајанс (IFLScience).

Во студија биле вклучени речиси 400 мажи и жени на средна возраст со хипертензија, состојба која значи зголемен крвен притисок.

Истражувањето покажа дека кај луѓето кои имаат навика попладне да дремнат, 24-часовен амбулантски систолен крвен притисок бил во просек за пет отсто понизок во споредба со пациентите кои не спијат во попладневните часови.

И иако таа разлика се чини на прв поглед мала, шефот на студијата д-р. Манолис Калистратос на прес-конференција рече дека дури и „намалување притисок од 2 mm Hg го намалува ризикот од развој на кардиоваскуларни болести за 10 проценти.”

Констатирано е дека попладневна дремка го намалува систолниот крвен притисок од 3 mm Hg за секој час на спиење, а за споредба, со мала доза на антихипертензивни лекови систолниот притисок се намалува за 5 до 7 mm Hg.

Друг факт во корист на оние кои сакаат попладневен одмор, студијата покажа дека подолг сон е поврзан со поголемо намалување на крвниот притисок. Се покажа дека еден час спиење дава најдобри резултати.