Бугарија ќе ја поддржи Северна Македонија за членство во ЕУ, но под одредени услови кои доколку не бидат исполнети, Северна Македонија нема да може да премине на следната етапа, изјави бугарскиот претседател Румен Радев, вчера, по консултативната средба на која присуствуваа и вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов, како и проф. Ангел Димитров, во својство на копретседавач на заедничката стручна комисија за контроверзни историски и едукативни прашања меѓу Софија и Скопје.
Радев додаде дека бугарската владата треба да преземе екстремни мерки за развој на нова национална позиција со јасни барања и критериуми во одбрана на бугарскиот национален интерес, што треба да биде експлицитно вклучено во рамката за преговори за Република Северна Македонија, како задолжителни услови за членство во ЕУ.
На иста позиција беа и останатите. Борисов, по состанокот, рече дека членството на Северна Македонија во ЕУ е важно, но тоа не може да се случи на сметка на Бугарија со, како што појасни, препишување на историјата. Тој додаде дека Заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет направил многу добра работа и дека има договорено неколку работи за кои никој до пред неколку години не би помислил дека е можно да се постигне договор.
– Не дозволувајте оваа убиствена војна од Скопје да продолжи затоа што немаме поблизок народ и луѓе, додаде Борисов. Запирањето на Македонија на патот кон ЕУ од страна на Бугарија ќе биде запишано во историјата, а нашата земја не го сака тоа. Никогаш не сме кажале дека безусловно го поддржуваме нивниот влез во ЕУ. Имаме 71 инструмент после тоа, мислам дека толку има и поглавја за преговори. Играјќи со историјата и минатото и се концентрираме на иднината, беше непопустлив премиерот.
Каракачанов, пак, по средбата, како и пред неколку дена, изјави дека Бугарија не може безусловно да ја поддржува Северна Македонија и треба да постави многу јасни услови.
– На 17 октомври Бугарија не треба да брза да даде зелено светло за почеток на преговори за членство на Македонија се додека не бидат расчистени сите фалсификати на историјата. Апсолутно сме едногласни дека и покрај некои напредоци на комисијата за историски прашања работите не се задоволителни, а причината за тоа е политиката на Скопје да се оддолжува и да се купува време. Се договоривме дека поддршката не може да биде безусловна. Доколку Комисијата за историски и образовни прашања нема рок, тогаш ќе нема рок и патот на Северна Македонија кон ЕУ, рече Каракачанов.
Премиерот Бојко Борисов не се согласи со него и објасни дека ултиматумот не е решение.
– Каракачанов како војвода е потврд, шлаканиците му се во речникот, ние сме повеќе дипломати, објасни Борисов, а Каракачанов додаде дека неговото однесување било „едукативно“.
На средбата се коментирало и дека најдобрата опција за Бугарија е да нема разделување помеѓу Албанија и Македонија на нивниот пат кон членство во ЕУ.
Скопје и Софија потпишаа Договор за добрососедство во 2017 година. Според тој договор, заедничка комисија треба да ги реши проблематичните толкувања на историјата, но засега резултатите се ограничени. Најголем проблем се појави околу толкувањето на историската фигура на Гоце Делчев за двете земји.