Кан: Повод за налогот за апсење на Путин од МКС е мрачен, не е време за триумфализам

20

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, денеска изјави дека Судот мораше да преземе акција против рускиот претседател Владимир Путин за наводните воени злосторства и дека станува збор за еден „мрачен“ повод, а не за момент за тапкање по рамо.

МКС во петокот попладнето издаде налог за апсење на рускиот претседател поради сомневање дека е одговорен за нелегалната депортација на деца и илегално пренесување на луѓе од територијата на Украина во Руската Федерација.

Москва ги отфрла обвинувањата и смета дека налогот за апсење на МКС е неприфатлив, но и бесмислен, потсетувајќи дека Русија не е членка на Римскиот статут, како и многу други држави и не ја признава јурисдикцијата на МКС.

Римскиот статут, со кој во 2002 година беше основан МКС, досега е ратификуван од 123 држави. Меѓутоа, меѓу нив не се САД, Кина, Израел, Пакистан, Саудиска Арабија, Турција и Иран, ниту пак Индија, која е домаќин на состанокот на Г-20 во септември, на кој се очекува да присуствува и рускиот претседател.

-Ова не е момент за триумфализам и тапкање по рамо, рече Кан.

„Навистина станува збор за многу тажен и мрачен повод што судиите на МКС, или на кој било друг суд, почувствуваа дека е неопходно, за првпат било кога, да издаваат налози за апсење на лидер и висок функционер на постојана членка на Советот за безбедност на ОН, додаде Кан.

МКС, во петокот, под истите обвинувања, исто така, издаде налог за апсење на Марија Алексеевна Лвова-Белова, руска комесарка за правата на децата.

Русија никогаш не криеше дека однела илјадници украински деца во Русија како дел од хуманитарната акција за заштита на сирачињата и напуштените деца во зоната на конфликтот.

Украина тврди дека илјадници депортирани украински деца се посвоени од руски семејства, сместени во кампови и сиропиталишта, добиваат руски пасоши и се воспитувани да го одбијат украинското државјанство.

-Велам, вратете ги децата, повторно обединете ги децата. Доколку има вистина во тврдењата дека тоа е во корист на децата, вратете ги во нивната земја на потекло, наместо да им дадете странски пасош, рече Кан. 

Главниот украински обвинител Андриј Костин изјави дека неговата канцеларија почнала истраги за повеќе од 72.000 инциденти поврзани со наводни воени злосторства и дека наскоро ќе потпише договор за основање канцеларија на МКС во Украина.