Кампања за скршените срца на Денот на вљубените: Подарок за вашиот екс – бубашваба крстена по него/ВИДЕО

36

Кампањите за Денот на вљубените обично нудат нешто слатко, што предизвикува насмевка на лицето, но кампањата на зоолошката градина во Торонто е малку пооригинална – ги повикува луѓето да именуваат бубашваба по поранешното момче или шеф, пренесува Citymagazine.

Како што рекоа од зоолошката градина, луѓето можат да ги именуваат бубашвабите по поранешен пријател, роднина или кој било друг што „ги нервира како бубашваба“, а сето тоа во рамките на напорите да се заштитат што е можно повеќе животински видови.

Тие добија инспирација од зоолошката градина во Сан Антонио и зоолошката градина во Бронкс, а на луѓето кои сакаат да го прослават Денот на вљубените сакаа да им дадат поинаков начин да го сторат тоа.

Сè што треба да направите е да ја посетите оваа страница, да ја изберете опцијата Dedicate your donation, потоа In honor of и на крајот да го ставите саканото име. Потоа, можете да изберете да испратите електронска картичка до тоа лице, или да добиете дигитален сертификат што можете сами да го испечатите.

Минималната донација е 25 долари, а оваа зоолошка градина нагласува дека подеднакво ги почитуваат сите животни и дека бубашвабите се многу важни за нивното живеалиште во прашумите. На крајот од кампањата ќе споделат некои од најпопуларните имиња.