Полни камиони на секои 10 минути истовараат градежен шут и отпад

1322

Жители на населбата Лисиче и Ново Лисиче информираат за голема депонија формирана во непосредна близина на крстосницата на булевар „АСНОМ“ со „Февруарски поход“ спроти новиот парк, во потегот од последната постројка на ЈСП кон кејот на река Вардар, од лева страна.

Тие реагираат дека на оваа локација секојдневно, по пет товарни камиони без ознака секои 10 минути истовараат градежен шут и отпад.

– Овие камиони нанесуваат огромни количини кал и земја по должина на улицата „Февруарски поход“, велат жителите и додаваат дека од правот што се крева концентрациите на ПМ2,5 честици во овој реон се огромни во текот на целата година.

На истата локација се наоѓа и градилиштето од проектот за третман на отпадни води, кој требаше да заврши на 14.2.2020 година.

Граѓаните кои живеат во непосредна близина на депонијата секојдневно фотографираат и снимаат видеа, од каде што многу детално и јасно може да се види со што се натоварени камионите, со каква брзина се движат, како и калта и штетата што ја нанесуваат по целата должина на булеварот. Апелираат и бараат да се преземат итни мерки за да се спречи натамошно ширење на депонијата и нејзино дислоцирање.

Од Општина Аеродром велат дека дале дозвола за вршење градежни активности за пречистителна станица на таа локација.

– Ние немаме информации дека таму има депонија, но би ја повикале јавноста да пријават доколку забележат фрлање шут и друг отпад на тоа место, по што инспекциските служби ќе излезат на терен и ќе извршат контрола – одговорија општинските власти.

На територијата на општина Аеродром досега се отстранети околу 5.500 кубни метри шут и друг отпад од повеќе локации и истите се хортикултурно уредени со пешачки патеки, детски игралишта и друга урбана опрема.

(А.П.)