Забите ги миеме секојдневно, откако знаеме за себе. Но, мнозинството од нас при миењето на забите ги прават овие неколку грешки, поради што не го извршуваат исправно процесот.
Предолго ја користиме истата четка
Се препорачува менување на четката за заби на секои 3, 4 месеци, затоа почесто менувајте четката. Излитените и прекршени влакненца нема да ги одржат забите чисти и се знак дека е време да купите нова четка за заби, пишува Zubo.hr.
Не ги миеме забите доволно долго
Забите треба да се мијат најмалку цели две минути, два пати на ден. Просечното време што повеќето луѓе го поминуваат четкајќи ги забите е 45 секунди.
Прегрубо ги миеме забите
Бидете нежни со забите. Можеби мислите дека со посилно четкање ќе се отстранат повеќе остатоци од храна и бактерии, но нежното четкање е сè што е потребно. Преголемиот притисок може да ги оштети вашите непца.
Ги миеме забите веднаш по јадење
Ако чувствувате потреба да ги миете забите после јадење или пиење, почекајте најмалку 60 минути пред да ги четкате, особено ако сте консумирале нешто кисело, како лимон, грејпфрут или сода. Пијте вода, или земете гума за џвакање без шеќер за да ја исчистите устата додека не дојде време за миење.
Неправилно ги отстрануваме четките
Кога ќе завршите со миењето, држете ја четката исправена и оставете ја да се исуши на отворено. Избегнувајте да ја чувате четката за заби во затворен сад, каде што бактериите имаат повеќе можности да се развијат.
Користиме четки со тврди влакна
Меките влакна се секогаш добар избор. Бидете внимателни и нежни, особено таму каде што се спојуваат непцата и забите. Разговарајте со вашиот стоматолог за тоа каква четка за заби е најдобриот избор за вас.
Имаме неправилна техника на четкање на забите
Еве една техника што можете да ја испробате за темелно миење:
Прво, поставете ја четката за заби под агол од 45 степени во однос на непцата. Потоа нежно движете ја четката напред-назад со кратки потези.
Потоа исчеткајте ја надворешната, внатрешната и површината за џвакање на забите. На крајот, за чистење на внатрешните површини на предните заби, навалете ја четката дијагонално и направете неколку потези нагоре и надолу.
Користиме четка која не е најсоодветна
Постојат многу четки за заби кои можат да ги остават вашите заби свежи и чисти, вклучително и рачни и електрични. Испробајте различни типови на четка, додека не го најдете оној кој најдобро ви одговара.
На пример, електричната четка може да ја заврши работата наместо вас, ако имате проблем со четкањето. Но, без оглед на тоа кој тип на четка ќе го изберете, запомнете дека не е сѐ во четката – чистата уста зависи и од начинот на миење и редовното одржување на оралната хигиена.