„Како избравме американски претседател“- роман за кој се зборува

322

„Освен провокативниот наслов тој ќе ви приреди моменти за размислување, истражување, одобрување и несогласување… Јуриј, фармацевтскиот гениј Артимоглу, Композиторот, Бошко и неговиот ескадрон за лажни вести, се измислени ликови кои верувам ќе успеат сликовито да ве трансферираат во една друга димензија, и да ви понудат поинакви перспективи за она што вие во моментов го имате усвоено како апсолутна вистина на настани што ви се повеќе или помалку познати и за кои веќе имате сопствено мислење“, вели авторот Александар Сашко Кукулев, писател, сценарист и истражувач

„Остроумно и истовремено силно провокативно четиво, едно од оние за кои читателот посакува да го види на големото филмско платно“, вака накратко според рецензентите може да се опише најновиот роман “Како го избравме американскиот претседател“ на писателот, сценарист и истражувач Александар Сашко Кукулев кој зад себе веќе има роман кој предизвика голем интерес во Македонија, но и пошироко…

Самиот наслов на делото беше доволна провокација за голем број љубители на пишаниот збор завчеравечер да присуствуваат на промоцијата на овој негов втор роман.

Исто како и во „Патувањата на Петар Келемен“, кој загатна во бурниот историски период од 1934, поточно убиството на Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј, наративот кој е карактеристичен само за Кукулев, како што вели и еден од рецензентите, м-р Елизабета Арсоска, и овој пат го остава читателот без здив од првата до последната страница.

За рецензентот Оливер Андонов, пак, читајќи го и овој роман се добива чувство дека имаме работа со писател кој и понатаму ќе продолжи со една сфера на политички трилогии, случувања зачинети со многу историја.

„Она што ме фасцинираше додека го читав ова второ дело од Кукулев е дека се врзува за вистински случувања. Дали ние, односно велешани избраа американски претседател и чија беше целата приказна, останува една голема енигма, а со тек на време веројатно ќе се открие и колку бил уделот во реалноста на ова случување“, вели Андонов.

Рецензентот Арсоска ќе додаде „Кукулев е прв што се одважи да напише едно вакво дело, бидејќи не само македонската туку и светската литература очекуваше некој да напише неколку збора и на оваа тема. И кој ако не велешанец, и кој ако не Кукулев…Јас го нареков роман напишан како филмско сценарио, поточно филмско сценарио напишано како роман со интересни ликови, дури и епизодни кои оставаат длабок впечаток врз читателот“.

Самиот автор видно возбуден на промоцијата пред присутните ги расветли деловите од својот роман: „Освен провокативниот наслов тој ќе ви приреди моменти за размислување, истражување, одобрување и несогласување… Јуриј, Грета Хонекер, фармацевтскиот гениј Артимоглу, Роза Долинска, Моше, Вера, Композиторот, Бошко и неговиот ескадрон за лажни вести, се измислени ликови кои верувам ќе успеат сликовито да ве трансферираат во една друга димензија, и да ви понудат поинакви перспективи за она што вие во моментов го имате усвоено како апсолутна вистина на настани што ви се повеќе или помалку познати и за кои веќе имате сопствено мислење“.

Тој открива дека од првичните реакции што оваа книга ги предизвика, се изроди еден интересен феномен…

“Додека насекаде околу нас постојат луѓе кои од петни жили се трудат да ни соопштат и да не убедат дека ја говорат вистината и дека треба да им се верува, оваа книга го прави токму спротивното! Упатува на тоа дека се во неа е фикција. Но, предизвикува сосема поинаков ефект. Оние што ја прочитаа, едноставно не  веруваат дека фикцијата е фикција, па дури се обидуваат и мене како автор да ме убедат во вистинитоста на мојата фикција“, истакна Кукулев.

Она што секако според авторот на книгата не е фикција, е фактот дека таа е своевиден крик на потребата за живот во многу понормално секојдневие од граматичкиот презент што го живееме, апел за зауздување на незаузданото, порив за жигосување на фарисејството помеѓу верните и очајна потреба за спокоен поглед кон  иднината во која можеме да погледнеме подалеку од задутре.

На читателот единствено му останува ова и да го посведочи откако ќе ја  прочита „Како избравме американски претседател“. (Д.Т.)  Фото:Н.Батев