Каков Јунајтед какви бакрачи

245

Во последното интервју кое го даде за „Скај спорт“, контроверзниот менаџер на лондонскиот премиерлигаш Тотенхем, Жозе Мурињо, откри кои тимови според него имаат најмногу шанси да обезбедат директен пласман во групната фаза од Лигата на шампиони.

Поради убедливата бодовна предност која ја има лидерот на табелата, тимот на Ливерпул, јасно е како ден дека во англиската Премиер лига до крајот на сезоната ќе има голема борба само за преостанатите три позиции кои гарантираат настап во најпрестижното клупско натпреварување. Интересно, помеѓу кандидатите, Португалецот не го гледа својот поранешен клуб, Манчестер Јунајтед, иако „црвените ѓаволи“ имаат само шест бода помалку од четвртопласираниот тим на табелата, Челзи.

  • Тука не станува збор само за Тотенхем, Арсенал, Челзи и Евертон. Шефилд Јунајтед и Вулверхемптон исто така се во игра за топ-4. Зборуваат дека тоа не им е цел, но реалноста е сосема поинаква. Не само поради нивната позиција на табелата, туку и поради силата која ја поседуваат. Двата тима за време на зимскиот преоден рок поставија неколку трансфер рекорди, а тоа беше направено за да го засилат својот тим, изјави Мурињо.

Тимот на „специјалниот“, Тотенхем, има 37 бода, односно четири помалку од четвртопласираниот Челзи, а веќе следната недела, „петлите“ ќе го одиграат првиот осмина-финален натпревар од Лигата на шампиони каде за противник го имаат германскиот бундеслигаш РБ Лајпциг.