
Точно дека звучи чудно, но како и пред четири години, репрезентацијата на Германија повторно е елиминирана во групната фаза од Светското првенство. Тоа што им се случи во Русија на популарните „панцири“, им се случи и во Катар. Избраниците на Ханси Флик ја оправдаа фаворитската улога во последниот натпревар од групната фаза и со 4:2 ја добија пресметката против селекцијата на Костарика, но пласман во 1/8 финалната рунда обезбедија репрезентативците на Јапонија и Шпанија, а нивниот меѓусебен дуел заврши со неочекуван триумф на Јапонците од 2:1.
Германија во групната фаза ја победи само Костарика, загуби од Јапонија и освои еден бод во дуелот против Шпанија.
- Ова е апсолутна катастрофа. Невидена болка затоа што мислевме дека нашата победа ќе биде доволна. Се чувствуваме беспомошно, тешко беше за верување дека ќе направиме чудо и ќе победиме со седум гола разлика. Многу е тажно што Јапонија ја победи Шпанија, но целата наша трагедија се случи со поразот од Јапонија, изјави искусниот напаѓач, Томас Милер.
И двојниот стрелец, Каи Хаврец, беше шокиран од неочекуваниот пораз на Шпанија.
- Не очекувавме таков резултат од Шпанија. Но мора сами да се погледнеме, имавме доволен број на шанси за победа против Јапонија и против Шпанија, изјави фудбалерот на Челзи.
Сосема очекувано, германските медиуми удрија со дрва и камења по националниот тим.
Каков срам! Елиминирани сме, пишува Билд, а Спорт 1 пишува: „Готово е, готово! Германија е елиминирана од СП“. Германските фудбалери изгледаат преплашено. Горецка, Раум и останатите играчи изгледаат шокирано и зјапаат во празно додека седат на резервната клупа, пишува Кикер.