Каква улога ќе има во иднина Иванка Трамп?

 Од Белата куќа велат дека Иванка одиграла голема улога во многу области, од притисок за намалување на даноците, преку подобрување на пристапот до СТЕМ образование, па сè до развивање на национална стратегија за работната сила.- Американците можеби се подготвени да прифатат семејства во владата, но само ако се квалификувани

62

Кога претседателот на САД, Доналд Трамп, во понеделникот, во Источната соба во Белата куќа одржа говор за „Американското лидерство во областа на животната средина“, неговата ќерка Иванка Трамп седеше во првиот ред со широка насмевка на лицето.

Но, кога Трамп раскажуваше како во 2017 година ги повлече САД од она што тој го нарекува „нефер, неефикасен и многу скап Париски климатски договор“, насмевката исчезна од лицето на Иванка Трамп додека таа ракоплескаше учтиво, но не ентузијастички.

Дури и пред инаугурацијата на нејзиниот татко, Иванка Трамп ја издвои еколошката регулатива како главен фокус на политиката. Во декември 2016 година за време на претседателската транзиција, таа го донесе поранешниот потпретседател Ал Гор, водечки еколошки активист, за да се состане со Трамп и да разговара за климатските промени.

Иванка и нејзиниот сопруг, Џерад Кушнер, во минатото донираа или собираа пари за демократски кандидати со акцент на заштитата на животната средина и ублажувањето на климатските промени. Повлекувањето на Трамп од Парискиот климатски договор некои го гледаат како пораз за ќерката и советничка на претседателот во нејзината битка за моќ во Белата куќа, пишува во својата анализа Гласот на Америка.

Но, говорот во понеделникот може да укажува на пораст на влијанието на Иванка Трамп во однос на ова прашање, а заштитата на животната средина може да стане уште една ставка во нејзиното веќе широко портфолио, кое е насочено кон создавање работни места, борба против трговијата со луѓе и зајакнување на жените низ светот.

Од Белата куќа велат дека Иванка одиграла голема улога во многу области, од притисок за намалување на даноците, преку подобрување на пристапот до СТЕМ-образование (наука, технологија, инженерство и математика), па сè до развивање на национална стратегија за работна сила.

Одговарајќи на прашање на Гласот на Америка, претседателот Трамп во петокот рече: „Иванка работеше на креирање на речиси 10 милиони работни места. Работеше на обуки и ги посетуваше компаниите поттикнувајќи ги да вработуваат“.

Но, Иванка Трамп стана предмет на критики за време на посетата на претседателот на Азија во јуни. Многумина се сомневаа во нејзините квалификации и компетентност да биде на такви настани од висок профил, вклучувајќи го и Г-20, каде што таа беше на сцената со светските лидери, како и на историскиот состанок на претседателот со Ким Јонг Ун во демилитаризираната зона меѓу Јужна и Северна Кореја.

Многумина тврдат дека претседателот ја води земјата како семеен бизнис и му штети на интересот на државата преку непотизам. Критиките особено започнаа кога тој ги назначи Иванка Трамп и нејзиниот сопруг, Џерад Кушнер, како советници во 2017 година, тестирајќи го законот против непотизам.

Ниту Иванка Трамп, ниту нејзиниот сопруг Џерад Кушнер не се платени советници на претседателот. На прашањето за улогата на Иванка на Г-20, претседателот Трамп повтори: „Иванка и Џерад работат многу напорно и многу жртвуваат за тоа“.

Растечкото портфолио на Иванка Трамп исто така создава шпекулации за тоа што е следно. „Луѓето се прашуваат дали ова е знак дека можеби Иванка ќе биде иден политички водач“, рече Зак Купер од Американскиот институт „Ентерпрајс“, додавајќи дека може да се види дека патот е таков.

Експертите истакнуваат дека Американците можеби се подготвени да прифатат семејства во владата, но само ако се квалификувани. „Не верувам дека Америка е многу толерантна да има династии, ако единственото нешто што им е во прилог е нивното презиме“, рече О’ Брајан.

Трамп и самиот беше против политичките династии во минатото, вклучувајќи ги и критиките кон Буш и Клинтон за да победи во Белата куќа. Одговарајќи на прашање на „Гласот на Америка“ за намерите со неговата ќерка, Трамп рече дека не ја подготвува за политичка функција.