Ако по утрото денот се познава тогаш нема сомнеж дека ќе бидеме сведоци на една од највалканите изборни кампањи бидејќи уште пред нејзиниот официјален почеток, политичките противници упатија серија навреди и омаловажувања.
Првите копја ги вкрстија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Социјалните мрежи вријат со препукувања меѓу партиските ботови, се разменуваат навреди и не се одбираат зборови со кои ќе се дискредитира противникот. Најекспониран беше нападот кон независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска. Навредите кон неа беа протолкувани како мизогени и сексистички, само поради тоа што е жена. Таборот на партијата која се залага за едно општество за сите, ја исмева нејзината независност користејќи неприкладни зборови, а Арсовска пак, најави тужба. Против насилството врз жените во политиката се огласи и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
„Се наоѓаме во период пред локални избори, пред изборна кампања, кога насилството врз жените во политичките партии, според последните истражувања, е највисоко, дури 47 проценти. Без разлика која жена ќе ја предложиме, без разлика за која жена ќе гласаме, сите да заокружиме НЕ за насилството врз жените во политиката“ – напиша на својот фејсбук-профил Шахпаска.
Овие избори, според политичкиот аналитичар Агим Јонуз, нема да донесат ништо понов модел од изминатите зошто принципот на негативна кампања стана наше совршенство.
„Трагично е и на секој писмен човек му е јасно, кој било и во која било фотелја да седне апсолутно ништо нема да се промени. Македонската политичка јавност е одамна на работ на разумот“ – заклучи за весникот ВЕЧЕР, Јонуз.
Кај нас традиционално, според аналитичарот Марко Трошановски, дел од политичката кампања се сведува на лични навреди и дисквалификации и дел од електоратот е веќе навикнат, што е вина на политичките партии и нивна одговорност е да се воздржат ако не сакаме разгневени гласачи на изборите.
„Како се заострува кампањата ќе се зголемуваат ваквите лични диквалификации и за жал тоа ја труе политичката култура и придонесува кон понатамошно уназадување на сврзното ткиво на нашето општество“, нагласи за весникот ВЕЧЕР Трошановски.
И аналитичарот Петар Арсовски предвидува негативна кампања.
„Веќе постојат високи тензии пред почетокот на кампањата за локалните избори и реториката само ќе се заострува, заклучи Арсовски.
Комуниколог Бојан Кордалов, сепак, е оптимист и очекува фер услови за понатамошната изборна кампања.
„Се надевам и дека ќе видиме различна политичка комуникација од досегашната која изобилуваше со стендап навреди и исмејувања на противниците, заплашување со победа на конкурентската опција и слично“, истакна Кордалов.
(И.С.)