Кадифената верверичка Бони, желките Џуни и Пипи и пет ежиња најчудесните станари во Аеродром

441

Борјана живее во населбата Аеродром, на приземје во една од зградите. Нејзиниот двор, кој грижливо го уредува и е нејзино омилено зелено царство, е дом на 23-годишната желка Џуни, а од неодамна и на тригодишното желче Пипи. Жители во дворот се и мајката еж со своите пет ежиња, и верверичката Бони. Борјана вели дека иако се шумски животинчиња, лесно се врзуваат за човекот и бараат внимание и нежност. А кадифената Бони е посебна приказна. –Се сретнавме на Водно при една прошетка со моите пријателки.  По нас трчаше верверичето со ококорени и влажни очиња, како да ни велеше: „Аман, земете ме“. Дури не е за верување, ми се качи на рака, ме фати цврсто за показалецот и ми заспа во дланка. Што да правам, велам, кога ќе се вратам в град, ќе ја земам со мене. Ќе ја чувам додека малку да потпорасне. Низ детската игра, верверичката Бони секој ден го потврдуваше својот степен на интелигенција. И секоја вечер почна сама, кришум, да влегува во меката детска постела и да заспива под перница или во некој ракав од пижамите…

Шумските животни, особено физички помалите, се прекрасни. Случката што за весникот ВЕЧЕР ја раскажа Борјана Дичевска, новинар во пензија, покажува дека ако ѝ дадеш љубов, топлина и грижа, „дивината“ може да стане питома.

Борјана живее во населбата Аеродром, на приземје во една од зградите. Нејзиниот двор, кој грижливо го уредува и е нејзино омилено зелено царство, е дом на 23-годишната желка Џуни, а од неодамна и на тригодишното желче Пипи. Жители во дворот се и мајката еж со своите пет ежиња, а до неодамна и верверичката Бони. Борјана вели дека иако се шумски животинчиња, лесно се врзуваат за човекот и бараат внимание и нежност.

БОНИ

Верверичките се најубавите и највесели шумски животни и се вистински украс на природата. Токму едно такво пронашла Борјанка шетајќи се со пријателките низ шумата на Водно.

– Откај патот покрај селото, подолу Мироец, се чу необичен звук. Не беше бревтање, ниту мрморење ниту плач. Не се опишува, не се дефинира. И однатре од бодликавите стебленца, околу белите јасики откај што се јавува сонцето, излезе животинче. Мало, чиниш глувче. А беше верверичка штотуку испилена. Одеше кон нас, а нам нозете ни се скаменија, ту од возбуда ту од радост, како на мало дете. Такво, малечко, незаштитено живо суштество не се остава среде пат, да не го повредат диви ѕверови, кои често се спуштаат долу под Бртце или, пак, да не го згмечи селска кола. Ми застана на дланка, ја пофатив милно по мекото крзненце и по бушавото долго опавче и ја вратив во грмушките, во легло од лисја од бели јасики. Ама, како по обичај, ѝ свирнав на верверичката, и тоа свирнување што секогаш го испуштам низ уста кога шетам низ шумата со моето прекрасно друштво. Свирка како имитација на птичјо црцорење – почна да раскажува Борјана.

Таа и пријателките продолжиле по патот и по извесно време, нога за нога, се враќале по истиот пат од тоа пријатно, утринско пешачење, а Борјана цело време си потпевнувала. Пријателките ѝ рекле дека верверичката, најверојатно, си заминала, не очекувајќи дека ќе ја најдат. Но, одеднаш зад нив се слушнал истиот невообичаен звук, ама многу посилно и сличен на молба со плач.

– По нас трчаше верверичето со ококорени и влажни очиња, како да ни велеше: „Аман, земете ме“. Дури не е за верување, ми се качи на рака, ме фати цврсто за показалецот и ми заспа во дланка. Што да правам, велам, кога ќе се вратам в град, ќе ја земам со мене. Ќе ја чувам додека малку да потпорасне. Ниту шприц ниту цуцла имав. Во мало, подлабоко чиниче со млеко го топев прстот и така, капка по капка, ѝ ставав во уста. Така, од прстот, пиеше и вода – видно возбудена кажува Борјана.

Меѓутоа, верверичката, која децата подоцна ја крстиле Бони, постојано сакала да спие на дланка, како да барала сигурност, заштита, топлина.

– Ноќе, за да се навикне да спие, во кафезот ѝ ставив меко пеленче. Чудо, како во детските бајки, кога ќе се замодреше стемнувањето, Бони се пикаше под покривката. Многупати ѕиркав во кафезот и со рака поминував над пеленчето за да проверам. Даваше знак со тивок звук кој, чиниш, доаѓаше од длабок сон. Така спиеше мирно тоа вервериче питомо и милно, зашто се чувствуваше заштитено од маалските мачки и кучиња, кои како да насетија дека има дојденец во дворот. Особено мачките, кои кришум вртеа околу кафезот, оближувајќи се стрвно – истакнува Борјана.

Таа вели дека иако верверичката е диво животинче, кога е мала, на пример како Бони, може да се припитоми.

– И така бидна. На убавата кадифена верверичка Бони, децата од соседството – Димитар, Дина, Кристијан, Марко, Каја, Дафина, Лена ,Катја, Андреј, Сара ѝ станаа најдобрите и мили пријатели. Не се криеше од детската љубопитност, туку напротив, кога ќе ги слушнеше тие весели, нежни, мили гласчиња на соседските дечиња како ѝ довикуваа: „Бони, Бони, Бони“, таа се вртеше како вртешка низ кафезот и со сета своја мала, деликатна физичка структура, ја искажуваше желбата за игра, за дружба, за пријателство – вели Борјана.

Таа вели дека познанството со нејзините внуки Маја и Ева, ѝ отвориле на Бони уште поширок светоглед. Почнала да излегува од кафезот, да шета низ дворот, од соба в соба – низ целиот стан.

– Дури, тие две итрици ја „шверцуваа“ в постела. Убавата верверичка, со најмазната „кожа“ од меко кадифе, без тисканица и превртување ќе се припиеше до малите мирисливи тела на своите нови „другарки“ и со тивко вдиши-издиши како на бебе, спиеше сè до првата развиделина. Низ детската игра, верверичката Бони секој ден го потврдуваше својот степен на интелигенција. И секоја вечер почна сама, кришум, да влегува во меката детска постела и да заспива под перница или во некој ракав од пижамите. Единствено се бунтуваше кога ја капеа „другарките“ пред спиење. Тие знаеја дека верверичките се многу чисти животинки, ама кога се капеше Бони, изгледаше како во секој миг, под млазот вода, дека ќе испушти душа. Сепак, брзо се соземаше – раскажува Борјана.

Бони брзо го сменила и „менито“ за исхрана, оти млекото не ја заситувало. Најомилена закуска ѝ била пченката, и тоа сама да ја глода од клас.

– Го вртеше класот меѓу малите остри канџи, а ги избираше здравите и јадри зрна. Тие што не ѝ се допаѓаа, ги плукаше надвор од решетките на кафезот. Со тоа, уште повеќе покажуваше колку многу е битна за верверичка чистотата на „собата“, на леглото, на околината. Глодаше непрекинато до последното зрно и успеваше да внесе сè во тоа усте полно со ситни, остри запчиња. Нивната острина и цврстина ја почувствував уште првиот ден додека ѝ давав млеко, капка по капка. Од љубопитство, еднаш полека ѝ ја отворив устата и успеав да избројам дваесет и две запчиња, како бисерчиња. Сепак, не го криеше дивиот природен инстинкт кон широкиот слободен простор. Шеташе низ дворот како да е нејзино царство. При тоа, се обидуваше да се искачува со острите канџи по подебелите гранки од трендафилите и од живата ограда. Тука, на најгорниот дел на зелената ограда, Бони се чувствуваше како на трон. Бре, што животинче е тоа вервериче! – констатира Борјана.

ЏУНИ И ПИПИ

Во зелениот рај на Борјана, од поодамна свој дом има старата убавица – желката Џуни, како и желчето Пипи. Борјана вели дека многу сакаат музика, ја вадат главата од куќичката, ја нишаат де лево де десно, чиниш ќе запеат. Ги храни со домат, лубеница, диња, краставица, но и со тревата од дворот.

Борјанка го има најдено и Пипи длабоко во шумата, во влажни и густи грмушки. Било големо како железната паричка едноденарка, со многу мека корупка.

– Кога го земав, ми беше страв да не го стиснам, да не го повредам. Како мала едноденарка, Пипи ја преспа зимата во жардиниера со земја и со слама, ама обложена со најлонска обвивка да не замрзне од студ во земјата, што е кобно за секоја желка кога има голем студ со ниски минусни температури. Желките ја минуваат зимата закопани во земја, небаре се во мечкин сон. Пипи се „закопува“ на ден Митровден, а се буди од длабокиот сон на 22 март. Во истиот тој период, како по установен пропис, заспива и се буди и желката Џуни, која е жител цели 23 години – вели Борјана.

Пипи сега е порасната, и таа и Бони летово развиле посебна дружба. Бони повеќе искажувала интерес за игра со Пипи, можеби ѝ изгледала мала, физички помала од неа, па се правела важна. Борјана вели дека корупката на Пипи е цврста и нема опасност Бони да ја повреди кога потскокнува околу неа и кога ја пипка со малите предни нозе, со острите ноктиња.

– Задните ноџиња на Бони се малку подолги, веројатно зашто стои исправено на нив, а убавата густа опашка има големо значење заради рамнотежа во целата структура на телото. Најмногу кога се качува по гранки и кога е во „важна“, исправена, состојба. И сета таа, таканаречена дива форма на игра, желчето Пипи, со движењата на главата и со шетањето низ просторот, како да ја покажува силата во себе, сигурноста и посесивноста на дворот, како постојано живеалиште – констатира таа.

Вели дека пред три години, ежицата што спиела со месеци под најгустиот дел од зелената ограда на дворот, родила три ежиња.

– За кусо време ги пренесе, како што се вели „преку плот“. Летово, како за чудо, дојде, пак, трудна ежица. Дали е поранешната, не сум сигурна, ама роди пет малечки, ситни ежиња. И тоа, три-четири дена пред да дојде Бони како нов жител во дворот. Тие се посебна приказна, спијат под трендафилите, секое еже само како единка. Кога цицаат, сите се на куп како прасиња на маторица. Не пуштаат цицка и дури кога се движи мајката еж. Се влечат, цврсто споени до доилката, без да трепнат. Не сум сигурна дали ќе останат, зашто тие не се приврзани како желката, како верверичката и другите животинчиња за просторот – вели Борјана.

Со внуките дојдени од Шпанија и со нејзините шумски животинчиња, Борјана поминала прекрасно лето. Верверичката Бони пораснала во темпераментна убавица со бујна и долга опашка, со весели и трепетливи очи и со мазно, темнокафено крзно. Борјана вели дека шумата ѝ е природно живеалиште и жално е да се чува во кафез такво интелигентно суштество со инстинкт на диво животинче.

– Од пред некој ден, зелен дом на Бони е големиот парк во непосредна близина, со високи дрвја, густи гранки, со бујни јасики, ореви, костени. Тој ден заминаа и децата, таму кај што живеат сега со своите родители. Кристијан во Австрија, Каја во Дубаи, Лена во Швајцарија, Маја и Ева во Андалузија. Остана само Пипи, верен станар, со постарата желка Џуни. Срцето ми вели, Бони ќе се врати следното лето, кога ќе дојдат децата пак во татковината на своите родители – се надева Борјана.

Светлана БЛАЖЕВСКА