Каде е Иванов?

72

Со семејна фотографија на која мавтаат со рака доскорешниот шеф на државата Ѓорѓе Иванов заедно со сопругата Маја и синот Иван на социјалните мрежи се поздравија со јавноста и се „одјавија“ од претседателската вила Водно. Новиот претседател Стево Пендаровски веќе се привикнува на новиот дом, но јавноста остана без одговор каде живее сега семејството Иванови. Од завчера попладнето повлечен e официјалниот сајт на Претседателот на државата, но нема информација каде е сега поранешниот претседател, каде ќе живее и дали со семејството по завршувањето на мандатот отпатувал некаде на одмор.

Единствено што се знае е дека  побарал кабинетот, кој законски му следува по завршувањето на функцијата да биде во кулите на турски „Џевахир холдинг“ во скопски Аеродром.

Како што информираа компанијата, закупот за двата стана со површина од 274 метри квадратни, кои во петокот СОЗР ги изнајми на барање на Иванов за негов кабинет во зградите на Џевахир, е во висина од 1.950 евра месечно, а договорот е склучен во времетраење од една година.

Извори за весникот ВЕЧЕР брифираат дека во Џевахир ќе биде единствено кабинетот на пензионираниот претседател, чиј ентериер деновиве интензивно се уредува, но засега не е готов. Според истите извори канцеларијата на Иванов се наоѓа на 22 кат, а освен канцеларија, Иванов ќе добие и буџет од 150 илјади евра, тројца вработени, личен возач, обезбедување и пензија од 91 илјада денари. Како што претходно објавивме, доскорешниот шеф на државата ќе живее на Водно, во становите кои се сопственост на неговиот син и се наоѓаат во близина на претседателската вила.

Медиумите објавија дека експретседателот за време на неговиот мандат купил два стана и гаража на име на неговиот син, кои, според нашите информации, се новото живеалиште на семејството Иванови.

Во антикорупциска веќе е отворен предмет за имотот на Иванов и од каде му се парите за двата стана, кои според проценките, како што објави телевизија 24 Вести, чинат над 250 илјади евра.

Во исто време, антикорупциска комисија собира информации за проверка дали постои непотизам и судир на интерес во закупот на канцелариите за иден Кабинет на Иванов во зградите на „Џевахир холдинг“. За весникот „Вечер“ информираат дека веќе се обратиле до институциите за прибирање на документи околу закупот на становите за канцеларии, но нема информација кога новата канцеларија ќе се најде на седница.