Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, денеска ги отфрли прозивањата од страна на претседателот Зоран Милановиќ, упатени до владата и шефот на неговиот кабинет, Звонимир Фрко Петешиќ, оценувајќи дека претседателот „игра политичка игра на опозицијата“ и дека може и тој за Милановиќ да каже дека е „корумпиран, банда и лаже“.
Во изјавата за новинарите во хрватскиот Сабор по седницата на Комитетот за национална безбедност, Пленковиќ одговараше на прашања во врска со изјавата на Милановиќ за државните недвижности и Фрко Петешиќ и рече дека владата е стабилна и дека Милановиќ како претседател игра опозициска политичка игра“, надвор од сите досегашни рамки, пренесува Хина.
„Можеби е алергија, можеби некој друг симптом, или феномен со кој е оптоварен. Не одлучува тој за тоа каква ќе биде владата и кој ќе биде во нејзиниот состав, кој каква работа ќе работи или колку владата ќе биде стабилна, а тоа што игра политичка опозициска игра, е надвор од сите досегашни рамки и практики на претседателот на Републиката – континуирано да ја обвинува власта, министрите за корупција, или да нарекува „банда“ некои мои блиски соработници“, рече Пленковиќ.
Хрватскиот премиер додаде дека и за Милановиќ може да каже дека „тој секако е корумпиран, банда и дека лаже“ кога зборува за некој што прави кривично дело поврзано со престој, живеалиште.
„Не знам каков адвокат треба да бидеш, за да излезеш со дефиниција дека тоа е кривично дело“, рече Пленковиќ и потврди дека Фрко Петешиќ постапил согласно прописите за пријавување на живеалиште во Сали на Дуги оток, односно добивање на користење на државен стан во Загреб.
Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, претходно изјави дека владата на премиерот Андреј Пленковиќ е најкорумпираната хрватска влада, објаснувајќи дека тој критикува „поради негрижата, незнаењето и неспособноста на нејзините членови“.
Пленковиќ ги штити луѓето кои се корумпирани, изјави Милановиќ за РТЛ Данас и додаде дека тоа не може да го нарече поинаку. Како што тогаш објави Хина, хрватскиот претседател, критикувајќи ги Пленковиќ и владата, го наведе примерот на шефот на кабинетот на премиерот, Звонимир Фрко Петешиќ, кој, како што тврди, свесно лажно го пријавил своето живеалиште, „целосно свесен за незаконитоста, забраната и казнивоста на она што го прави“.
Тој го повтори својот став дека хрватското државно обвинителство (ДОРХ) „не постои“ по скандалот со поранешната министерка, Габриела Жалац, и повтори дека Хрватска никогаш немала покорумпирана влада, додавајќи дека „овие луѓе го презираат законот“, јави Хина.
Инаку, хрватскиот претседател ги отфрли наводите на Пленковиќ дека е „лидер на опозицијата“. “Не само што не сум, туку се чувствувам лошо на оваа позиција. И се што имам да кажам и ќе кажам всушност ми паѓа како непотребен товар. Тоа не е првенствено моја работа, не треба да биде моја работа”, додаде Милановиќ.