И со победа од 5:0, Ливерпул нема да биде шампион

132

За нешто повеќе од 24 часа на “Итихат” ќе стартува можеби најважниот натпревар кога е во прашање шампионската титула во англиската Премиер лига, дуелот помеѓу директните ривали за трофејот, Манчестер Сити и Ливерпул.

Иако има уште 17. кола за играње, со евентуален триумф, “црвените” ќе имаат предност од десет бода во споредба со бранителот на тронот.

И покрај таквата можност за четата на Јирген Клоп, поранешниот репрезентативец на Англија, Стен Колимур, е убеден дека шампионскиот трофеј нема да се пресели на “Енфилд”.

  • Па дури и Ливерпул да забележи победа од 5:0 на “Итихат”, мој фаворит за шампионската титула и понатаму ќе биде Манчестер Сити. Ливерпул е во предност затоа што менаџерот на “црвените”, Јирген Клоп го пронајде потребниот рецепт кога се во прашање ривалите. Треба да се потенцира дека Ливерпул изминатата сезона го елиминираше Манчестер Сити во 1/4 финалната рунда од Лигата на шампиони. Сепак, Сити има капацитет и квалитет да одигра 15 натпревари по ред без пораз, за разлика од Ливерпул, кој може да ја прокоцка предноста од десет бода, ако се знае колку натпревари има до крајот на сезоната, пишува Колимур во својата последна колумна на “Мирор”.

Сепак, поранешниот напаѓач на Ливерпул треба да фрли еден поглед кон табелата во Премиер лигата која јасно покажува дека “црвените” во актуелната сезона имаат 17 победи, три ремија и не загубиле на ниту еден натпревар.