И по истекот на рокот продолжува регистрацијата во УЈП

66

Граѓаните кои до 31 декември не се регистрираа во системот на Управата за јавни приходи за персонален данок, ќе може тоа да го направат и денеска и наредните денови.

Од Управата велат дека не им е целта да казнуваат, па нема да вратат ниту еден граѓанин кој сака да се регистрира, но не се пријавил на време. Даночниците ќе се обидат да стапат во контакт и со тие кои воопшто не покажале интерес.

– „ До утрината на 31.12 се регистрирани над 650.000 граѓани, но конечната бројка ќе се знае утре. Задоволни сме од одзивот на граѓаните, тој е речиси 100 процентен. Системот е отворен и секој кој го пропуштил рокот ќе може и од утре да ја донесе пријавата во УЈП, изјавија од УЈП

Според првичната информација во електронскиот систем требаше да се регистрираат околу 920.000 граѓани. Но, УЈП од обврската ги ослободи пензионерите кои земаат само пензија од државниот ПИОМ. Останатите пензионери пак кои имаат дополнителни приходи или странски пензии требаше да отворат мејл и да се регистрираат во УЈП.

Раководството на Управата тврди дека нема казни за тие кои нема да се пријават, но ризикуваат да бидат третирани како даночни затајувачи за што се предвидени казни од 100 до 200 евра.

Ова е првата година кога граѓаните нема да одат на шалтерите на УЈП туку до крајот на април ќе добијат пополнета годишна даночна пријава на мејл адресите. Обврската ќе биде само да ја потврдат или корегираат доколку податоците не се точни. А доколку тоа не го направат до крајот на мај УЈП ќе ја смета таа Годишна даночна пријава за потврдена.