И ПОСЛЕ 20 И КУСУР: Меморија не свиреа, Меморија растурија!

101

 

Не беше важно дали салата е полна до последното место, дали има млади или стари… важно беше дека, како што беше напишано на еден плакат – “македонските Дјурај Дјуран” растурија, дека имаше музика, дека имаше совршена атмосфера, дека сите се чувствувавме како една душа, едно тело, дека концертот на Меморија не беше само освежување на меморијата, туку и милување на сетилата, топење на срцата, полнење на душата…

Бидна долгонајавуваниот концерт на Меморија, се случи музика, се случи топ свирка, а се роди прашањето – Дали овие луѓе навистина направиле повеќе од 20-годишна пауза?! Дали тие навистина инструментите ги беа спакувале и дали навистина толку време ги немало?! Зашто свирката беше беспрекорна, а журката топ.

Незадоволни и по речиси три часа немаше – перфектно и на сцената и пред неа. Оние горе, на неа – Поце Икономов, Перо – Камиказа, Валентино Скендеровски, Бане Поповиќ, Димитар Божиков, Сашо Ангелов…, свиреа како да ќе нема утре, а оние долу се забавуваа како во детството, младоста, на времето…

Патувањето низ времето и спомените почна со “Оган под ѕвездите”, продолжи со “Македонија”, “Среќна нова”… И веќе немаше назад, се вели, возот тргна. Ред музика, ред приказни, анегдоти, интересни случки од времето… Нормално, за нив задолжен најголемиот “зборувач” во Меморија Перо Камиказа, кој со солзи во очите ја најави следната “Одам засекогаш” и им ја посвети на сите оние кои ја напуштиле земјата, исто како и неговиот син… И ако на саботниот концерт имаше многу да каже на само еден ден по концертот Перо е без зборови и само успеа да искоментира – “Се она што сакав да го кажам за мене го смислил Тоше Поп Симонов.”

Не е тешко да станеш. Тешко е да ОСТАНЕШ. Меморија вечерва го положи најтешкиот испит – филтерот на времето. После дваесет и кусур години пауза направија концерт по сите светски стандарди, на кој дојде река од илјадници луѓе. Два саата бендот свиреше, публиката пееше на цел глас. Можете да не ја сакате македонската рок и поп музика, ама ова вечерва беше потресно. Концертов беше историски. На целата екипа и честитам од срце. Перо-Камиказа друже, ти се восхитувам на силата, ентузијазмот и волјата. Живи и здрави да сте, утепавте вечерва”, гласи пораката на Поп Симонов.

И не само што ни се освежи репертоарот на Меморија, на сцената застанаа и нивните колеги, музичарите кои во 80-те и 90-те палеа и жареа на домашната музичка сцена. Прв од гостите кои застанаа на сцената беше Пере од Нокаут, кој со тогашниот бенд Аперитив им бил предгрупа и кој сега ја изведе темата “Бестрага”, потоа одекна антологиската “Пушти коси” на Зијан, Мики Јовановски – Џафер ја изведе”Одам на југ”. Гранит Таки и неговата ќерка Леа го донесоа хитот “Неправда”… Вечерта никако не можеше да помине без Ристо Самарџиев, кој, исто така, беше дел, односно вокал на Меморија. Настапот на Самарџиев почна со како што рече малку руски блуз, за да не потсети и на “Дирлада”, “Нена”…

Некој рече е ова е публика, а ние – е ова е концерт! Не беше важно дали салата е полна до последното место, дали има млади или стари… важно беше дека, како што беше напишано на еден плакат – “македонските Дјурај Дјуран” растурија, дека имаше музика, дека имаше совршена атмосфера, дека сите се чувствувавме како една душа, едно тело, дека концертот на Меморија не беше само освежување на меморијата, туку и милување на сетилата, топење на срцата, полнење на душата.

Дечки секоја чест! Ова навистина беше концерт. Вистински концерт!

А.Т.