И ПОКРАЈ ЗАБРАНАТА, РАФАЛИ НА СВАДБИ И ПРОСЛАВИ ВО ТЕТОВО, СКОПЈЕ, ОХРИД…-Се пука без пардон, чувајте глава од залутани куршуми!  

Истрелите од огнено оружје за време на свадби и прослави, како дел од традицијата на семејните веселби  или како еуфорично изразување радост, особено во текот на летото, речиси секојдневно  ги вознемируваат граѓаните. Се пука од пиштоли, а неретко може да се слушнат и рафали од автоматско оружје. Најстрашно во целата приказна е што се случува куршумите да заталкаат во куќи, коли и, за жал, има случаи и на повредени граѓани.  Само во еден ден, изминатата недела во Скопје биле пријавени три случаи на направена штета од залутани куршуми, а досега, според евиденцијата на МВР, биле повредени две лица и била направена штета на возила и на објекти  

100
Фото: Djordje Petrovic

Истрелите од огнено оружје за време на свадби и прослави, како дел од традицијата на семејните веселби или како еуфорично изразување радост, особено во текот на летото, речиси секојдневно  ги вознемируваат граѓаните. Се пука од пиштоли, а неретко може да се слушнат и рафали од автоматско оружје. Најстрашно во целата приказна е што се случува куршумите да заталкаат во куќи, коли и, за жал, има случаи и на повредени граѓани.

Од МВР велат дека, според пријавите, ова лето, досега се евидентирани шест настани на кои „неовластено се пукало од огнено оружје“, за што, според Законот за јавен ред и мир, предвидени се парични казни од 200 до 500 евра.

– Околу пријавите за користење оружје на семејни прослави, во текот на летово регистрирани се шест настани за пријавен прекршок „неовластено пукање од огнено оружје или употреба на пиротехнички средства“ (СВР Тетово – пет и еден прекршок на подрачјето на СВР Охрид), како и еден настан на подрачјето на СВР Тетово, за кривичното дело „предизвикување на општа опасност“ од залутано зрно.

За сите пријавени настани, од страна на МВР се врши увид на местото на настанот, по што подигнатите проектили и зрна се вештачат за утврдување на калибарот. Сѐ уште траат постапките за утврдување на калибарот и огненото оружје од кои се испукани проектилите и зрната – стои во одговорот на МВР на прашањата на весникот ВЕЧЕР.

Само во еден ден, изминатата недела во Скопје биле пријавени три случаи на направена штета од залутани куршуми, а досега, според евиденцијата на МВР, биле повредени две лица и била направена штета на возила и на објекти.

– Според достапните податоци, евидентирани се два случаи на повредени лица од заталкани куршуми на подрачјето на СВР Тетово. Во однос на пријавите за оштетени објекти, возила и друго, ве информираме дека се евидентирани вкупно 22 пријави, и тоа: 11 пријави за оштетени возила од заталкани куршуми (СВР Скопје – осум и СВР Охрид – три) и 11 пријави за оштетени фасади, прозорци, покриви од куќи и сл. (СВР Скопје – седум, СВР Тетово – две и СВР Охрид -две) – информираат од МВР.

Во одредбите на Законот за оружје, децидно се забрануваат употребата и носењето оружје на јавно место, со исклучок на „работниците кои вршат работи на обезбедување на лица и имот во државните органи и правните лица, согласно со прописите за обезбедување на лица и имот“, а, исто така, со Законот се забранува и употреба на оружје од страна на лица кои се под дејство на алкохол или на дрога.

Од досега пријавените случаи во кои од заталкан куршум било повредено едно лице, од страна на МВР била поднесена една кривична пријава против сторител за извршено кривично дело „предизвикување на општа опасност“, додека за останатите случаи сè уште се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на пријавите.

Употребата на оружје на прослави е честа појава во целиот регион, со што сè позачестени се кампањите каде што се апелира оружјето да не биде дел од славењето, од македонското МВР нè информираа дека континуирано работат на спречување на оваа појава.

– Министерството за внатрешни работи со години наназад, во континуитет презема и спроведува превентивни активности со цел намалување на употребата на огнено оружје и пиротехнички материјали на семејни прослави и свадби, преку одржување кампањи, проекти состаноци (преку локалните совети за превенција), средби со граѓани, со сопственици на угостителски објекти, со организатори на манифестации и слично, а со цел спречување на ваквите појави и зголемување на безбедноста на граѓаните  – соопштуваат од МВР. (П.Ч.)