Јанко ќе го памтиме и по тоа што беше македонски пејач кој пред југословенскиот претседател Јосип Броз Тито прв ја испеа македонската патриотска песна за „Делчев војвода“
Традиционално, и оваа година, на 15 февруари ќе се одржи концерт “Узун за Узун“, во знак на сеќавање на познатиот македонски музичар Јанко Узунов. Во поранешната Југославија се прослави со мелодијата „Момчето со мандолина“ испеана на македонски јазик во дует со познатата експејачка Цветанка Ласкова, песна со која на “Опатискиот фестивал 76“ освои прво место во првата фестивалска вечер, а во финалето на југословенскиот “Избор за Песна на Евровизија“ за малку исто така ќе победеше и ќе заминеше на сцената на Евровизискиот фестивал под знамето на СФРЈ. Тоа е инаку ден, 15 февруари кога пред 69 години е роден овој наш почитуван пејач и композитор. А, роден е токму во Валандово, во 1951 година, а во Скопје се преселил во 1969 година. Завршил Земјоделско-шумарски факултет, а потоа и Музичка академија. Кариерата ја започна со песната „Магдалена’’ во 1971 година.
–
По тој повод од 16:00 часот, а во салата на хуманитарниот дом „Даре Џамбаз“, ќе се одржи концерт. Жаклина Узунова, сопругата на легендарниот музичар кој почина на 63-годишна возраст, објаснува дека во програмата ќе учествуваат младите гитаристи од „Узун“, нивни заеднички пријатели од Валандово, родниот крај на Јанко, како и голем број музичари и почитувачи на неговото дело. Јанко ќе го памтиме и по тоа што беше единствен македонски пејач кој пред југословенскиот претседател Јосип Броз Тито прв ја испеа патриотската песна за „Делчев војвода“…
–
Секако дека ги памтиме и сите негови песни, а меѓу кои и: „Дојди ми љубов моја“, „Ти проштевам се“, „Очите ми плачат за сакање“, „Чаки Панкерот“, „Помина време“, „Македонче соколе“, „Заплачи моја Македонијо“, „Те сакам песно македонска“, „Валандово убавино“, „Јас те љубам довека“, како и детската „Наставничке пријателке“ која уште како дете ја испеа Тоше Проески. Д.М./фото:YT-Инстаграм/