И на секој покрив да се стават сончеви панели, нема да се покријат потребите за струја!

Според новите правила, од 1 јуни домаќинствата што ќе инсталираат соларни системи до шест киловати ќе може да произведуваат струја и компаниите што ќе постават вакви системи со капацитет од 20 до 40 киловати ќе може без лиценца да произведуваат, да користат и да продаваат струја. Според експертите, на овој начин може да се зголеми производството на струја, домаќинствата да заштедат, но во никој случај не може целосно да се покријат потребите на државата. Според експертите, за шесткиловатeн соларен систем, едно домаќинство треба да инвестира од три до четири илјади евра, а инвестицијата се враќа за околу седум години

6031

Од 1 јуни домаќинствата што ќе инсталираат соларни системи до шест киловати ќе може да произведуваат струја за себе, а вишокот ќе може да го продаваат и нема да им биде потребна лиценца за тоа. Според новите правила, и компаниите што ќе постават на покрив соларни системи со капацитет од 20 до 40 киловати ќе може без лиценца да произведуваат, да користат и да продаваат струја. Според експертите, на овој начин може да се зголеми производството на струја, домаќинствата да заштедат, но во никој случај не може целосно да се покријат потребите на државата. Електричната енергија произведена од фотоволтаици треба да се балансира, што значи дека за секој киловат-час произведена електрична енергија од фотоволтаици е потребна резерва од три киловати произведени од хидро, гас, јаглен…

Според експертите, за шесткиловатeн соларен систем, едно домаќинство треба да инвестира од три до четири илјади евра, а инвестицијата се враќа за околу седум години. За да инсталира соларен систем од 20 киловати, на една компанија ѝ се потребни 14.000 евра.

– Шест киловати не се доволни за задоволување на потребите за струја на едно домаќинство. Овие шест киловати се трошат само да се вклучат неколку апарати што трошат многу струја, како бојлер, електричен шпорет, фрижидер, машина за перење алишта… Поради тоа, побаравме од Владата да дозволи инсталирање  соларни системи од 10 киловати, кои би биле доволни за задоволување на основните потреби на едно четиричлено семејство за еден месец – вели за ВЕЧЕР Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика.

Тој потенцира дека во државата има огромен интерес за фотоволтаици. Дневно има околу 10 барања за изработка на проектна документација за инсталирање соларни системи, за разлика од порано кога имало само по две-три барања годишно. Поради драстично зголемената цена на струјата, инсталацијата на соларни панели е поисплатлива од порано.

– И на секој покрив да се постават фотоволтаици, нема да се задоволат потребите од електрична енергија на државата. Максимум со фотоволтаици можат да се покријат 30 отсто од потребите на државата, бидејќи, во спротивно, ќе настане дисбаланс. Електричната енергија произведена од фотоволтаици треба да се балансира, што значи дека за секој киловат час произведена електрична енергија од фотоволтаици е потребна резерва од три киловати произведени од хидро, гас, јаглен… – објаснува Манасков.

Вишокот струја што ќе ја произведат домаќинствата од сонце, може да ја понудат на некој лиценциран снабдувач или трговец со електрична енергија, кои во државата се околу педесет.

И компаниите што се снабдуваат со струја на слободниот пазар, може да го намалат притисокот од зголемувањето на цената на струјата со тоа што ќе го зголемат производството од фотоволтаици. Бројките покажуваат дека домашното производство на струја е веќе зголемено за 10 до 15 отсто во однос на лани.

– Досега се издадени одобренија за изградба на фотоволтаици за 32-33 мегавати, што е на ниво на една државна електрана како „Света Петка“. Очекувам дека за седум до осум месеци ќе има од 60 до 70 мегавати новоизградени фотоволтаични централи, кои ќе ја релаксираат ситуацијата со цената на електричната енергија – изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Тој не е оптимист дека ќе има намалување на цените на електричната енергија под 200 евра за мегават-час не само на регионалната берза туку и на останатите европски берзи и додаде дека тоа ќе им прави сериозен притисок на македонските компании кои се на слободниот пазар на електрична енергија.

Според податоците од РКЕ, 660 илјади домаќинства во државава или 22 отсто месечно трошат до 100 киловат-часови, 20 отсто трошат од 500 до 1.000 киловат- часови, од 100 до 200 киловат-часови имаме 15 проценти, од 200 до 300 киловат- часови имаме 15 проценти, од 300 до 400 имаме 13 проценти, од 400 до 500 имаме 10 проценти, од 500 до 1.000 имаме 20 проценти и над 1.000 киловат-часови се приближно седум проценти. Просечната потрошувачка на домаќинство во државата, на месечно ниво, изнесува 410 киловат-часови, а дури 53 проценти од потрошувачката на електрична енергија е во скапа тарифа.

(А.С.)