И на попис без консензус

38

Втор ден расправа, иста реторика. Власта и опозицијата обвинувањата од партиските седишта, ги префрлија на собраниската говорница. За законот за попис нема ни чекор поместување.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и денес побараа да се повлече Законот за попис од собраниската дебата и да се организира внатрепартиска и внатредржавна дебата.

Спроведувањето на попис мора да се темели на постигнат консензус од сите политички чинители, сите општествени фактори, за да може да дојдеме до успешно спроведена статистичка операција во која ќе имаат доверба сите граѓани на Република Македонија. По очигледната злоупотреба на европското знаменце, одбивањето на сите амандмани на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, власта продолжува со своето самоволие, нетранспарентност и арогантност да спроведува штетни решенија за државата и граѓаните, обвини опозицијата.

„Граѓаните уште сега кога не е донесен ниту законот за попис немаат доверба во оваа операција и затоа ние како пратеници имаме должност и обврска да направиме сè за овој процес да запре и да започне одново и консензуално да покажеме дека сепак за битни прашања знаеме и можеме да носиме исправни одлуки“ – рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и вчера повикуваа на масовна мобилизација за собирање потписи за иницијатива за предлог закон кој ќе биде доставен во Собранието и за поништување на законот за попис кој деновиве е во собраниска процедура. Обвинуваат и за злоупотреба на европското знаменце.

– На еден интересен начин дојде овој закон во редовна постапка без европско знаме, потоа го снема, па се врати со европско знаме, си велев зошто било така мислам дека заради повикувањето на регулативата која кога ќе проверите за нејзино спроведување – апсолутно не е точно дека е делумно аплицирана. Се обидовме точно одредбите од регулативата да ги предложиме преку амандманите, меѓутоа тоа не беше прифатено. Е па сега да оцениме дали европското знаме навистина нешто значи. Инаку патем за два месеци речиси 20 закони со европско знаменце повторно и невиден рекорд поминале овде и јас се чудам зошто не добиваме почеток на преговори на таква фантастична европеизација во ова собрание, рече во Собранието пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска.

Пописот е важна статистичка операција, тоа е патриотски чин од највисоко значење за натамошен развој на државата, велат од СДСМ и уште еднаш потенцираат дека пописот во 2021 ќе биде спроведен согласно прописите на Евростат.

„СДСМ и парламентарното мнозинство не прифаќаат никакви уцени од страна на деструктивецот и докажан губитник Христијан Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ. Законот од Собраниска процедура нема да биде повлечен ниту, пак, ќе поддржиме неразумни предлози за одлагање на пописот. По речиси 19 години без спроведен попис, никој нема право да го кочи или одолговлекува, тој мора да се одржи оваа, 2021 година. Целосно е нејасно зошто на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им пречи пописот, потонати се сите нивни изговори, стои во партиското соопштение.

Паралелите со други држави кои ги одложиле пописот не се никаков аргумент, реагираат од Бихаќка, и потенцираат дека ниту една од државите кои ги споменуваат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не била доведена во ситуација да нема 18 години попис.