Низ историјата на Олимписките игри имало навистина глупави и сурови спортови, што низ текот на годините истите се осовремениле.

Прво, вторите модерни Игри, одржани во Париз во 1900 година, по многу нешта биле уникатни и специфични бидејќи на нив за првпат се натпреварувале жени. Иако овие не биле организирани од организацискиот одбор на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), туку се одржувале како дел од Светската изложба, на нив се нашле и убедливо рекорден број на „бизарни“ дисциплини.

На овие Олимписки игри учествувале спортисти од 28 земји (од кои ИОК денес признава 24), со 997 натпреварувачи од кои 22 биле жени, што во тоа време се сметало за револуционерно. Сите се натпреварувале во 18 дисциплини, но бидејќи некои од нив биле „невообичаени“, ИОК дополнително ги избрал оние кои ги признал за официјални натпревари, додека останатите денес се сметаат за демонстративни спортови и дисциплини.

Во оваа втора група се нашле: подводен риболов, летање со балони, пукање со топови, но и убедливо најбизарната и најкрвавата дисциплина била – пукање во живи гулаби!

Очекувано, оваа дисциплина во тоа време била рекламирана како „многу аристократска“, а подоцна била наречена „крвава“. Целта е јасна сама по себе – натпреварувачите имале задача да погодат што повеќе живи птици!

Ова е сигурно една од најсуровите дисциплини кои привлекла големо внимание на Олимписките игри, кои таа година инаку биле многу слабо посетени. На настанот наводно настрадале 300 несреќни птици, а најдобар бил Белгиецот Леон де Лунден кој убил 21 гулаб. Една птица помалку убил второпласираниот Французин Морис Фор, додека 18 птици убил Австралиецот Доналд Мекинтош. ИОК овие медали денес не ги вбројува во официјални медали.

За среќа, ова бил прв и единствен пат да се одржи ваков натпревар на Олимписките игри. Борците за заштита на животните биле сè погласни и погласни, што довело до тоа пукањето во гулаби да стане забрането во САД во 1902 година, така што веќе на следните игри, живите птици, за среќа, биле заменети со глинени мети.