EPA/CJ GUNTHER

Најдобриот кошаркар на сите времиња, Мајкл Џордан, е машинерија за пари. Тој во 2006 година реши да инвестира во Шарлот, а веќе во 2010 година стана мнозински сопственик на овој клуб од Северна Каролина, државата во која успешно студираше и стана нивни херој. Сепак, Хорнетски не направија некои особено големи резултати во НБА лигата, па затоа Џордан овој пат реши да ги продаде своите акции за кои ќе заработи куп пари.

Како што пишува секогаш добро информираниот „ЕСПН“, Мајкл Џордан е во сериозни преговори да го продаде мнозинскиот удел од оваа франшиза на Гејб Плоткин, кој веќе има мал број акции во Шарлот, или пак на Рик Шнал, кој е косопственик на Атланта.

Првите информации велат дека продажбата сè уште е далеку бидејќи Џордан би сакал некако да остане присутен во Хорнетс и да задржи помал дел, но и да се надева дека ќе заработи добро. Тој претходно ја купи франшизата за 275 милиони долари и јасно е дека вредноста се зголеми во меѓувреме, иако Хорнетси оттогаш само двапати се пласираа во плејофот, последен пат во 2016 година. Пет тренери поминаа низ клубот и немаа поголема ѕвезда од Кемба Вокер.

Сезонава Хорнетс играат катастрофално и се претпоследни на Истокот со 22 победи и 49 порази, а во тимот единствена светла точка им беше Ламело Бол, кој неодамна се повреди и ќе отсуствува до крајот на сезоната.