И за познавачи и за љубопитни:Во австралиските ресторани за брза храна на менијата и месо од загрозени видови ајкули

157

Во австралиските ресторани за брза храна и месо од загрозени видови ајкули
Истражувачите од Универзитетот во Аделаида открија дека месото од четири загрозени видови, вклучувајќи ја долгата мако ајкула и мазната ајкула со чекан, се продава во некои ресторани за брза храна во Јужна Австралија.

Студијата на Универзитетот во Аделаида покажа дека месото од четири загрозени видови, обично во форма на филети помали или поголеми пржени парчиња, се продава во некои ресторани за брза храна во Јужна Австралија.

Месото од ајкула е популарно во Австралија поради својата бела боја, благиот вкус и меката текстура, но според австралиските регулативи само два вида ајкули можат да се продаваат како филети.

ДНК-анализата на филето месо од повеќе од 100 угостителски и малопродажни објекти низ Аделаида и регионалните области на Јужна Австралија откри девет различни видови кои се продаваат.

Меѓу нив имало и загрозени видови, вклучително и долгата мако ајкула и мазната ајкула со чекан, а на плочата можеле да се најдат и ајкули кои не живеат во австралиските води, покажа инспекцијата.

Ешли Шарад, водач на истражувањето на Факултетот за биолошки науки на Универзитетот во Аделаида, истакна дека само 27 отсто од испитаните примероци припаѓаат на типот на ајкула што е одобрен за човечка исхрана бидејќи има доволно голем број.

„Нашите резултати ја истакнуваат потребата од појасни национални упатства или закони за означување на месото од ајкула“, нагласи Шарад.

Од сите анализирани примероци, само секој 10-ти трговец можел правилно да го препознае видот на рибата што ја продава. Околу 20 отсто од филетите биле погрешно означени, а останатите имале нејасен опис.

„Измамата во индустријата за морска храна е сè поголема загриженост. Погрешното означување на таквите производи потенцијално може да предизвика штета на човековото здравје, економијата и зачувувањето на видовите“, нагласува професорот Бронвин Гиландерс од Универзитетот во Аделаида.

Резултатите од истражувањето беа објавени во меѓународното списание Food Control.