И годинава нема матурски прослави во кафеаните, свечените фустани останаа непродадени

Ова е втора генерација матуранти која остана ускратена од последната заедничка дружба, а за спомен наместо прослави, ќе ги имаат само алманасите и фотографиите кои ќе ги потсетуваат на лудориите во училишните клупи и на едно поинакво време и дружење преку средствата за електронска комуникација. И годинава во кафеаните и рестораните поради забраната за организирање на прослави нема да се организираат матурски забави. Угостителите се надеваат дека наскоро забраната ќе се тргне, но дека ќе биде доцна да се организираат вакви прослави. Кај матурантите годинава ја нема таа еуфорија околу подготовка за матурските прослави, па и годинава изостана купувањето на свечена гардероба, накит, фризура, шминка...

171

И годинава нема да има организирани прослави на матурски и полуматурски забави. На учениците кои завршуваат основно и средно училиште короната им скрати една година од дружбата во училишните клупи, а сега им го скрати и задоволството за последен пат да бидат заедно со нивните врсници и професори. И професорите се разочарани што нема да ги видат и да ги поздрават полуматурантите и матурантите. Ова е втора година како не се организираат матурски прослави и во кафеаните и рестораните поради забраната кој трае веќе 15 месеци. Угостителите очекуваат дека поради намалениот број заболени од ковид-19 наскоро забраната за организирање на матурски и други прослави ќе се тргне, но дека ќе биде доцна да се организираат вакви прослави.

Кај матурантите годинава ја нема таа еуфорија околу подготовка за матурските прослави, па и годинава изостана купувањето на свечена гардероба, накит, фризура, шминка… Во бутиците низ градот свечените фустани останаа непродадени, а фризерските и козметичките салони со скратени приходи поради отсуството на матурски, свадби и други прослави.

Ова е втора генерација матуранти која остана ускратена од последната заедничка дружба, а за спомен наместо прослави, ќе ги имаат само алманасите и фотографиите кои ќе ги потсетуваат на лудориите во училишните клупи и на едно поинакво време и дружење преку средствата за електронска комуникација.

-Оваа година, за жал, нема да се организира матурска вечер за учениците од четврта година. Сакам да напоменам дека организацијата на матурската вечер е од страна на родителите на учениците и доколку родителите се решат да организираат и спроведат матурска вечер, ние како училиште секако дека нема да им бидеме пречка. Како што гледаме дека бројките на заразени секојдневно опаѓаат, сепак мое мислење е дека сè уште не се создадени услови и нема да биде безбедно одржувањето на матурските забави од причина што се работи за деца кои ќе биде многу тешко да се контролираат во целост, а особено знаејќи го фактот дека после скоро две години првпат ќе отидат на забава. Сепак, учениците ќе имаат на што да се сеќаваат од причина што истите секојдневно комуницираат преку средствата за електронска комуникација. Балансирањето на предметните наставници во реализација на наставата, а од единствената причина за развивање на духот за дружба помеѓу учениците им овозможува со примената на средствата за електронска комуникација да разменуваат и теми и содржини надвор од утврдените наставни програми. Исто така, заедничкото табло и алманахот ќе ги потсетува на лудориите во училишните клупи, вели за ВЕЧЕР Александар Сибиновски, директор на СУГС “Владо Тасевски„.

Матурантите и полуматурантите се разочарани не само поради прослава на матурски и полуматурски забави, туку поради тоа што им е скратена една година од незаборавното дружење во училишните клупи. И родителите велат дека е тажно што нема да има матурски прослави, но велат дека најважно е здравјето, а за прослави и дружење има време.

Угостителите се надеваат дека наскоро ќе се тргне забраната и ќе може да се организираат матурски и други прослави.

-Во угостителските објекти сè уште е забрането да се организираат матурски, свадби, крштевки и други прослави. Забраната трае веќе 15 месеци, а дали и кога во угостителските објекти ќе се организираат традиционални или прилагодени кон новото секојдневие матурски забави зависи од препораките на Комисијата за заразни болести. Се надеваме дека наскоро ќе се донесат нови протоколи со кои ќе биде овозможено да се реализираат овие забави. Инаку бараме матурски и други прослави согласно важечките протоколи да може да се организираат и во внатрешните делови на угостителските објекти кои се стекнале со правото на сертификати на објектите Ковид-19 безбедна зона, вели за ВЕЧЕР Здравко Јосифовски, претседател на Независната комора на угостители.

Отсуството на матурските прослави и отсуството на еуфоријата за магијата наречена матура ги остави свечените фустани непродадени, а фризерските и козметичките салони со скратени приходи.

-Никој не купува свечена гардероба. Нема матурски прослави, свадби, крштевки… Прометот е многу опаднат и покрај тоа што имаме попусти на пролетната гардероба кои се движат од 20 до 50 отсто. Се купува само тоа што е неопходно маички со кратки ракави, фармерки и тренерки, а свечените фустани ни останаа да ни висат на закачалките, вели Марија, сопственичка на бутик во Скопје.

(А.С.)