Итно воведување “принудна управа” во Охрид и Струга!

38

Во врска со последниот извештај на УНЕСКО за состојбата со градот Охрид, се огласи Твоја партија во чиешто соопштение се вели:

Од досега сработеното, во изминатите 30 години, може да се заклучи дека државната и локалната власт немаат капацитет да ги менаџираат работите со статусот на Охрид и регионот, како светско културно и природно наследство. Се чини дека имаат проблем со значењето на терминот “наследство”, кое го сфаќаат како нешто архаично, што треба постојано да се обновува, ренови, изградува за да изгледа современо, а фактичкиот резултат е карикатуралност, скороевизам и загрозување на целокупниот “стар”амбиент, заради кој е прогласено за светско културно наследство. Недозволиво е, автентична архитектура да биде со пластични прозорци, шут и депонии насекаде, нерешен статус на повеќе од 1000 надоградби и нивна легализација на веќе заштитено место.Недозволиво е локалната самоуправа селективно да спроведува планови и на тој начин да се уништува заштитено светско културно наследство.

Министерство за животна средина и Министерство за култура немаат капацитет за донесување акциони планови и управување со Националната комисија на УНЕСКО.

ТВОЈА бара Комисијата за управување со светското наследство во охридскиот регион да се реформира и да се вклучат експерти од УНЕСКО со право на вето. Скандалозно е доколку е вистина дека членови на Комисијата воедно и издаваат дозволи за градба. Истите треба веднаш да бидат разрешени и да се испита нивната работа.

ТВОЈА партија бара да се воведе “принудна управа” во општините Охрид и Струга, заради целосно непочитување на плановите и препораките, со цел заштита на регионот. Да се одземат ингеренциите на локалните власти во делот на планирањето, урбанизмот и справувањето со отпадот, спроведување координиран инспекциски надзор и детектирање на проблемите. Максимално почитување и имплементација на препораките и забелешките на УНЕСКО, особено во делот на урбанизацијата, дивоградбите и зачувување на старата охридска архитектура во центарот на градот.

ТВОЈА партија бара во Заводот за заштита на спомениците и Музеј – Охрид и Националниот конзервациски центар во Охрид да се вклучат експерти – советници од УНЕСКО.

Членовите на македонската делегација на Конференцијата на Комитетот за светско наследство во Баку во 2019 година, Андреј Жерновски и Едмонд Адеми, не понесоа одговорност за лажните ветувања за спроведување на препораките на УНЕСКО и сé уште се високо позиционирани државни функционери.

Затоа, ТВОЈА партија бара отчет за сработеното, но и одговорност за несработеното, согласно извештајот на УНЕСКО.

Охрид е град од светско значење кое ги надминува границите на државата и интересот на државата, а не само на поединци кои сакаат да направат профит. Охрид е наследство на човештвото и како такво треба да го третираме.

Ги повикуваме сите граѓани активно да се вклучат со помош, но и со притисок кон централната власт со цел да го спасиме Охрид.

Не смееме да дозволиме криминалот и крупцијата да го “проголтаат” Охрид, порачуваат од Твоја партија.