Италија се уште без нов претседател, гласањето неуспешно и денеска

32

Италијанските пратеници денеска, втор ден по ред, не успеаја да изберат нов шеф на државата, конзервативните предлози беа отфрлени од левиот центар, а партиските лидери прават дополнителни напори да најдат кандидат со кој ќе се постигне консензус.

По неуспешното гласање во понеделникот, мнозинството пратеници денеска повторно дадоа празни ливчиња, начин да се продолжи процедурата додека нивните лидери одлучуваат што да прават, објави Ројтерс.

Иако премиерот Марио Драги сè уште е фаворит, загриженоста дека неговото промовирање во претседател може да доведе до колапс на неговата коалициска влада и започнување на предвремени национални избори, ги заматија неговите перспективи, наведува британската агенција.

По неколкудневни консултативни состаноци, партиите од десниот центар, Лига, Браќа на Италија и Форца Италија, денеска излегоа со имињата на поранешниот претседател на Сенатот Марчело Пере, поранешниот министер за образование и градоначалник на Милано Летиција Морати и Карло Норди, пензиониран судија, како можни конзервативни кандидати кои заслужат разгледување.

Левичарскиот блок брзо одговори дека предложените кандидати се неприфатливи и повика на разговори со десниот центар во среда за да се реши спорот, кој ризикува да ја дестабилизира Италија додека се бори да ја надмине кризата Ковид-19 и да ја обнови својата нестабилна економија.

„Нашиот предлог е да се заклучиме во собата и да ги фрлиме клучевите, само со леб и вода, додека не дојдеме до конечно решение“, рече Енрико Лета, шеф на владејачката Демократска партија (ПД).

Околу 1.000 членови на двата дома на парламентот – Претставничкиот дом и Сенатот – и претставници на регионите и автономните покраини почнаа да гласаат во понеделник попладне за избор на наследник на Серџо Матарела, а на победникот на тајното гласање му требаат две третини мнозинство во кои било три круга.

Гласањето се повторува се додека еден од кандидатите не добие доволно гласови. Десничарскиот центар има повеќе гласачи од блокот на левиот центар, но ниту една страна нема доволно гласови да гласа за свој кандидат, што значи дека ќе биде потребен некаков компромисен договор.

Актуелниот премиер Марио Драги се смета за фаворит, а меѓу оние кои се сметаат за можни кандидати се поранешниот претседател на Долниот дом на Парламентот Пјер Фердинандо Касини, поранешниот премиер Џулијано Амато и претседателката на Сенатот Марија Елизабета Алберти Каселати, објави претходно Ројтерс.