Исчистени повеќе диви депонии во општина Јегуновце

12

Општина Јегуновце изминатиов период презеде повеќе акции за расчистување на дивите депонии на нејзината територија.

Како што информираат од општината, расчистувањето на дивите депонии е во рамки на годишниот план за чистење на диви депонии на територија на општината и уредување на јавниот простор.

Дарко Блажески, градоначалник на Oпштина Јегуновце истакна дека исчистени се диви депонии и јавен простор во населените места Јегуновце, Шемшово, Вратница, патот од Јегуновце кон Подбреѓе, Прељубиште на патот кон Жилчe, како и во Туденце.

– По дислокација на отпадот, просторот на местото на депониите се уредува, урбанизира и заштитува повеќе да не се загадува. Како градоначалник на Општина Јегуновце во мојата агенда на високо ниво е заштитата на животната средина и расчистување на дивите депонии. Особено ме радува фактот што жителите на населените места самоиницијативно упатуваат барања до мене, како градоначалник на општината, за расчистување на дивите депонии во нивните населени места. Секогаш излегувам во пресрет на нивните барања и за кратко време во координација со службите преземаме акции за чистење на дивите депонии. Граѓаните и бизнис секторот се вклучуваат во акциите и потпомагаат со свои ресурси и капацитети – изјави Блажески.

Од Oпштина Јегуновце апелираат до жителите за подигнување на јавната свест, да не се уништува и загадува животната средина и природата, а отпадот да се депонира на соодветна и безбедна локација.

Оттаму велат дека и во наредниот период ќе се продолжи со расчистување на дивите депонии во сите населени места.