Американската полиција трага по поранешниот НФЛ-играч Серџо Браун (35) откако викендов беше пронајдено убиеното тело на неговата мајка во близина на поток во предградие на Чикаго.

Миртл Браун (73) беше пронајдена во саботата попладне во близина на својот дом во Мејвуд откако роднините ѝ кажале на полицијата дека не може да ја најдат ниту неа ниту нејзиниот син.

Аутопсијата покажала дека таа претрпела повеќе повреди во напад, а медицинските истражители во округот Кук соопштија дека станува збор за убиство, пишува „Чикаго сан тајмс“.

Полицијата досега не можеше да го лоцира Браун, кој седум години играше во НФЛ, а не именуваше ниту еден осомничен за случајот.

Браун играше „сејфти“ за Њу Ингланд патриотс (2010-2011), Индијанаполис колтс (2012-2014), Џексонвил јагуарс (2015) и за Бафало Билс (2016), остварувајќи вкупно 94 настапи.