Истражување: Постои недостиг на соодветно искуство кај надзорните и управните одбори во јавните претпријатија

54

Кај надзорните и управните одбори во јавните претпријатија во земјата постои недостиг на соодветно искуство за подобро и поорганизирано трошење на јавните пари согласно принципите на доброто управување. Овие раководни структури најчесто се пополнети од партиски луѓе, без особени квалификации да учествуваат во управувањето на претпријатијата, покажува истражувањето спроведено од Институтот за демократија Социетас Цивилис – Скопје (ИДСЦС).

Според истражувањето кое Институтот го спровело во 2018 година, 43% од членовите на управните одбори немале искуство во соодветната област, а само 28% од членовите на надзорните одбори се правници или економисти, а тоа се потребните области на образование за соодветна контрола врз материјалното и финансиско работење.

Од ИДСЦС посочуваат дека одговорните за трошењето на парите со кои располагаат јавните претпријатија се директорите и членовите на управните и надзорните одбори, а последиците од нивното работење влијаат на многу луѓе.

-Управните одбори ја одредуваат насоката на претпријатието, а надзорните одбори треба да ја контролираат законитоста во работењето. Затоа, потребно е овие лица да имаат соодветно искуство кое ќе придонесе во доброто управување со претпријатието, подомаќински да се трошат парите на граѓаните, а со тоа и да се зголеми квалитетот на услугите кои треба да ги пружат. Но ситуацијата на терен е поинаква. Овие раководни структури најчесто се пополнети од партиски луѓе, без особени квалификации да учествуваат во управувањето на претпријатијата. А кога управните и надзорните одбори се нестручни тие претставуваат пречка за остварување на работата на претпријатието, наведуваат од Институтот за демократија Социетас Цивилис – Скопје.

Воедно, повикуваат промени на Законот за јавни претпријатија со кои треба да гарантираат избор на луѓе со соодветни способности, каде минатиот труд ќе добие предност пред формалните услови како образованието.