Истрагата за автобуската трагедија – спасени 8 луѓе, во болница 7, постои ли осми преживеан патник?!

Додека не заврши ДНК-анализата не може да се утврди точниот број на настрадани лица, смета директорот на Институтот за судска медицина во Бугарија, Александар Станков. На местото на трагедијата се пронајдени 44 тела, информира портпаролката на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева, додавајќи дека се сретнала со преживеаниот патник кој ѝ раскажал како го скршил стаклото на автобусот и спасил осум лица. Во болницата „Пирогов“ се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени, па останува нејасно што се случило со осмиот спасен патник! Аутопсиите покажуваат дека сите загинати во автобуската несреќа починале од задушување, а не од ударот, информираше бугарскиот заменик-главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов. Тој додаде дека категорично се отфрлени верзиите за терористички акт и туби со нафта или други запаливи течности, како можни причини за несреќата. Според првичните наоди од истрагата, до пожарот на автобусот дошло, како што рече Сарафов, кога поради стружењето од оградата и асфалтот се создале многу искри од кои се запалиле нафтата, масла од моторот и менувачот, а се вжештиле и воздушните перничињата, што придонело пожарот бргу да се прошири.

169

Точниот број на настрадани лица во автобуската несреќа во Бугарија ќе се знае по ДНК-анализата, изјави денеска директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков.

„Додека не заврши ДНК-анализата не може да се утврди точниот број на настрадани лица. Направени се 44 обдукции, но увидени се и остатоци од тела кои ќе се поврзат со ДНК-анализата. Треба да почекаме да се испитаат овие остатоци и тогаш точно ќе видиме колку лица биле настрадани“, изјави Станков за МИА.

Тој потврди дека штом бидат готови извештаите од македонските лекари од судска медицина, кои деновиве беа во Софија, истите ќе бидат предадени на бугарските власти.

Претходно, портпаролката на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева, на прес-конференција со заменик-јавниот обвинител на Бугарија, Борислав Сарафов, изјави дека на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела. Таа информира дека се сретнала со преживеаниот маж кој ѝ раскажал како го скршил стаклото на автобусот и рекол дека спасил осум лица, а не седум.

„Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот“, истакна Милева.

Бугарските обвинители за идентификација на жртвите треба да добијат ДНК-профили од роднини на загинатите во автобуската несреќа, па денеска главниот бугарски обвинител Иван Гешев, во придружба на истражител, дојде во Скопје за лично да поднесе барање за правна помош до македонското Обвинителство.

Во меѓувреме, продолжува истрагата. Аутопсиите покажуваат дека сите загинати во автобуската несреќа починале од задушување, а не од ударот. Тоа значи дека биле живи во моментот на пожарот. Конечна проценка за причините за несреќата ќе треба да дадат финалните анализи, но водечка верзија во овој момент е човечка грешка – како причина за несреќата, изјави на денешната прес-конференција бугарскиот заменик-главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов. Разгледани се, но категорично отфрлени и верзиите за терористички акт и туби со нафта или други запаливи течности, како можни причини за несреќата.

„Пронајдени се три туби. Трите туби не биле полни и не се запалени. Пожарот не избувнал од нив. Верзијата за терористички акт е професионално разгледана и земени се анализи од автобусот за постоење на терористички акт. Категорично ги отфрламе тие верзии. Не станува збор за терористички акт“, изјави Сарафов.

Тој посочи дека продолжуваат испитувањата и анализите на автобусот, кои треба да дадат одговор за причините и начинот на избувнување на пожарот, како и сообраќајната анализа за причините за кои автобусот ја напуштил патеката на движење. Не била отфрлена ниту верзијата за лошо обележување на патот, сигнализацијата и дали заштитната во која удрил автобусот придонеле за несреќата.

Истражителите не нашле докази за експлозија. Работниците во каменоломот што се наоѓа во близина на несреќата, го слушнале ударот на автобусот во првата заштитна ограда на островскиот простор. Има пат на кочење, што значи дека возачот реагирал пред да удри во заштитната ограда. Но, не е јасно зошто скршнал десно и удрил во оградата. Било темно, и се претпоставува дека возачот се збунил со знакот за чешма. При ударот во оградата автобусот скинал девет столпчиња кои при увидот биле најдени под предниот дел на возилото, каде што е сместен резервоарот за гориво. Од ударот предната врата излетала, но таму избувнал пожар, додека средната врата преку која патниците се обиделе да избегаат била блокирана од заштитната ограда.

Според првичните наоди од истрагата, до пожарот на автобусот дошло, како што рече Сарафов, кога поради стружењето од оградата и асфалтот се создале многу искри од кои се запалиле нафтата, масла од моторот и менувачот, а се вжештиле и воздушните перничињата, што придонело пожарот бргу да се прошири.

„Техничкото вештачење на автобусот ќе го вршат најдобрите стручњаци, а со противпожарното  вештачење ќе се утврдуваат причините за пожарот. Уште едно сеопфатно вештачење ќе даде одговор на прашањето зошто автобусот ја напуштил траекторијата на патот и како дошол до смртоносниот исход“, објасни шефот на националната истрага.

(И.С.)