Историчарите ќе ја толкуваат, политичарите ќе ја пишуваат историјата

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера побара политичко решение за историските прашања кои тој ги оквалификува како политички и одговорноста за договор ја префрли врз македонската страна. Ваквиот став доаѓа за време на средбите на членовите на Мешовитата комисија за историски прашања, и покрај тврдењата на политичарите од двете земји изминатиот период дека историјата треба да ја остават на историчарите. И македонскиот премиер Зоран Заев потенцираше дека има доволно време да се разгледаат и другите отворени политички прашања. Покрај ваквите изјави на политичарите кои упатуваат на тоа дека сепак, политиката длабоко вмешува прсти во работата на експертите и ја отсликуваат улогата на политичарите во расчистувањето на историските спорни прашања, според извори на весникот Вечер, додека историчарите изминатите два дена дебатираа во Скопје, во исто време во Софија зад завесите се одвиваа и дипломатски состаноци меѓу двете земји.

163

Дводневните состаноци на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија ја разбрануваа и политичката јавност. И покрај тврдењата на политичарите од двете земји изминатиот период дека историјата треба да ја остават на историчарите, сепак во екот на долгоочекуваната десетта средба на експертите, од дел од политичарите стигнаа пораки дека станува збор за политички прашања за кои треба да се најдат политички решенија.

Бугарија не прави компромис со македонскиот јазик

Политичарите не можат да абдицираат од овој важен процес за Бугарија и за Македонија и ЕУ. Крајно време е да се најде политичко решение што ќе ги потврди сите принципи на почитување на историјата и добрососедството и почитување на нашиот идентитет и јазик. Секогаш има простор за компромиси, но тие не можат да се прават со историја, идентитет и јазик, или со барање за националните малцинства, рече бугарскиот претседател Радев. 

Бугарскиот претседател Румен Радев излезе со став дека политичарите не можат да абдицираат од овој важен процес за Македонија и за Бугарија. Коментирајќи ги очекувањата од средбата на заедничката комисија за историски прашања, Радев истакна дека треба да се најде политичко решение, но не може да се прават компромиси со историјата и јазикот или со барања за национални малцинства. Бугарскиот претседател порача дека изнаоѓањето на решение, првенствено е одговорност на земјата кандидат за членство во ЕУ, односно тој товарот го префрли врз македонската страна.

– Членовите на Бугарско-македонската комисија се професионалци, тие ќе ја бараат и бранат, како и досега, историската вистина и бугарскиот национален интерес. Мојата порака до нив е дека политичарите не можат да абдицираат од овој важен процес за Бугарија и за Македонија и ЕУ. Крајно време е да се најде политичко решение што ќе ги потврди сите принципи на почитување на историјата и добрососедството и почитување на нашиот идентитет и јазик. Секогаш има простор за компромиси, но тие не можат да се прават со историја, идентитет и јазик, или со барање за националните малцинства, рече Радев во изјавата што ја пренесува БГНЕС.

Да го немаше Гоце, требаше да го измислиме

Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, изјави дека верува оти македонско-бугарската Мешовита комисија ќе успее да најде решение, откако, како што рече, имале „убав позитивен ден“ на првиот состанок во четвртокот. Но и Заев потенцираше дека има доволно време да се разгледаат и другите отворени политички прашања, со цел на заемно задоволство да продолжат процесите на евроинтеграција на земјава со одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ во декември.

– Ние сме многу мал регион, меѓусебно сме историски поврзани и верувам дека ќе бидеме паметни, таа заедничка историја од минатото да нè прави поголеми пријатели, а не да нè разделува. Реков дека не треба да ја исклучиме можноста дека оваа нема да успее, но истовремено реков и дека ќе направиме сè за да можеме да изнајдеме решение. Нашиот народ, целиот македонски народ е позитивен кон бугарскиот народ, и бугарскиот народ е позитивен кон македонскиот народ. Верувам дека (бугарскиот) премиер Борисов сака да продолжи да помага на процесите на интеграцијата на Западниот Балкан, но и на Северна Македонија во Европската Унија и во тоа светло ќе ги изнајдеме решенијата. Верувам претстои период на објавување на позитивни информации. Јас сум непоправлив оптимист, а низ оптимизмот и позитивното гледање, гледам и можност за успеси, истакна Заев.

Заев не одговори што ако Бугарија ја блокира првата меѓувладина седница на Македонија и Европската Унија, како симболичен почеток на преговорите за членство.

-Ако дојде до тоа, тогаш ќе го дадам одговорот. Да го немаше Гоце, требаше да го измислиме, за да биде мост меѓу двата народи. Верувам дека ќе бидеме Европејци и со европски дух ќе можеме да најдеме мудри решенија за да можеме заедно да си помагаме и да одиме напред, изјави Заев.

Нема план Б за Македонија 

Во однос на тоа дали државата има „план Б“, ако во декември не започнат преговорите за членство со ЕУ, Заев истакна дека не сака да разговара за план Б, затоа што мора да успееме.

-Во моето скромно политичко искуство како претседател на Владата никогаш не сме разработувале „план Б“, затоа што тогаш би значело дека се откажуваме од „планот А“. Јас верувам дека постојат решенија и за овие прашања, коишто се сегашен предизвик, рече Заев.

Историјата на историчарите

По формирањето на Комисијата, политичарите од Скопје и Софија постојано порачуваа дека историјата треба да се остави на историчарите, додека експертите, пак, тврдеа дека како академска Комисија ќе си ја работат својата работа без премногу да се фокусираат на тоа што се случува во политиката.

Покрај ваквите изјави на политичарите кои упатуваат на тоа дека сепак, политиката длабоко вмешува прсти во работата на експертите и ја отсликуваат улогата на политичарите во расчистувањето на историските спорни прашања, според извори на весникот Вечер, додека историчарите изминатите два дена дебатираа во Скопје, во исто време во Софија зад завесите се одвиваа и дипломатски состаноци меѓу двете земји.

По формирањето на Комисијата, политичарите од Скопје и Софија постојано порачуваа дека историјата треба да се остави на историчарите, додека експертите, пак, тврдеа дека како академска Комисија ќе си ја работат својата работа без премногу да се фокусираат на тоа што се случува во политиката.

Mакедонските и бугарските историчари два дена во Клубот на пратеници во Скопје расправаа за прашања и теми во насока на надминување на историографските спорови, но и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата на ова тело. На дневен ред беше и веќе започнатата дискусија во однос на усогласување на препораки за учебниците по историја за 7 одделение во Македонија. Комисијата заседаваше по пауза од речиси една година, а причина за тоа била пандемијата со ковид-19, но и изборите кои се одржаа кај нас. Шефот на бугарскиот тим од мешовитата Комисија за историски прашања, Ангел Димитров во четвртокот кусо пред средбата рече дека очекува да биде постигнат некаков резултат за отворените прашања.

Заедничката македонско-бугарска комисија досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и Средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев. Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности – свети Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самуил. Најголемото несогласување околу Гоце Делчев остана во јавните изјави на членовите на комисијата и пред оваа средба. Бугарските членови тврдат дека Делчев е Бугарин, а македонските дека комисијата не треба да ја утврдува неговата национална припадност туку прашањето да се реши со мултиперспективност, односно револуционерот заеднички да се слави.

За време на средбите немаше детали за што конкретно се разговарало. За попладнево е најавена прес-конференција на двајцата копретседавачи на Комисијата, Драги Ѓоргиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска страна, кои треба да соопштат детали.

Во исто време додека заседаваа историчарите, пратениците од бугарската Комисија за образование и наука најавија јавна расправа за предлогот за преименување на 24 Мај од Ден на словенската писменост во Ден на бугарската писменост. Амандманот во Законот за работни односи е поднесен од група пратеници и веќе беше одобрен на првото гласање. (В.С.Н.)