Историска суша во Франција: 100 општини останаа без вода за пиење

132
Француската влада формираше кризни тимови за да се фокусира на историската суша која остави 100 општини без вода за пиење, јавува Би-Би-Си.
Кабинетот на францускиот премиер објави дека Франција се соочува со најголемата суша досега, а употребата на вода е ограничена во 93 области.
Би-Би-Си вели дека сувото време би требало да се задржи уште најмалку две недели. Се стравува дека сушата што ја погоди речиси целата континентална Франција ќе го намали приносот на земјоделските култури, што ќе ја влоши кризата со храна предизвикана од војната во Украина.
Европејците веќе се борат со повисоки цени на храната, додека извозот на жито од Украина и Русија – кои се меѓу најголемите светски производители – е многу послаб од вообичаеното.
Топлотниот бран што ја зафати Франција од јуни ги поттикна дрвјата рано да ги испуштаат лисјата, создавајќи глетки кои изгледаат есенски.
Франција имаше само 9,7 мм дожд во јули, што го прави најсув месец од март 1961 година, соопшти државната метеоролошка служба Метео-Франс.
Наводнувањето е забрането во поголемиот дел од северозападна и југоисточна Франција за да се заштеди вода.
Се очекува годинава поради топлотниот бран да биде помал извозот на пченка не само од Франција, туку и од Унгарија, Романија и Бугарија, а помалите количини да доведат до скок на цените, пренесе француски БФМТВ.