Има ли или нема рок до кога треба да продолжи собраниската седница за да се гласа за уставните измени е тема за која власта и опозицијата имаат сосема различни ставови. Власта смета дека продолжението на седницата ќе биде штом се создадат поволни услови, а опозицијата тврди дека власта, знаејќи дека нема двотретинска поддршка за промена на Уставот, бадијала одолговлекува.
Пленарната седница на Собранието во однос на усвојувањето на амандманите за уставни измени започна и ќе продолжи тогаш кога ќе се создадат соодветни услови во однос на бројот на пратеници што би поддржале таков процес, рече премиерот Димитар Ковачевски. Тој додаде дека ова прашање е особено важно, со оглед на изборите што следуваат во Европската Унија и во САД.
– Сега е моментот кога се носи ваква одлука, со оглед на тоа дека идната година и ЕУ оди на избори, и САД одат на избори и Северна Македонија оди на избори. По тоа ќе се прави нова комисија, нови тела на ЕУ, што, секако, ќе го одолговлечe тој процес во недоглед – изјави Ковачевски.
Премиерот додаде дека „ние сме виделе како изгледа чекање и неносење одлуки“, посочувајќи дека „некој овде 11 години сакаше да промовира и продава културно-историски и финансиски патриотизам“. Политиката што се водеше 11 години, според него, даде само непосакувани резултати, додека политиката на интеграција покажува какви резултати и позитивни ефекти може да има врз граѓаните, државата и врз животниот стандард.
– Затоа треба да продолжиме по тој пат. Друга алтернатива нема – заклучи Ковачевски.
Но, поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, денеска со отворено писмо укажа дека истекува последниот ден за гласањето за уставните измени според Деловникот на Собранието.
Тој истакна дека основно правило од праксата за пристапување кон измена на Уставот е веќе обезбедно двотретинско мнозинство пратеници.
– Предлагачот на иницијативата кон измена на Уставот, во овој случај Владата, воопшто не требаше да си дозволи да поведе ваква постапка без предходно обезбедено двотретинско мнозинство. Во досегашната пракса на Собранието на Република Македонија, никогаш не се случило да се поведе постапка за измена на Уставот без претходно обезбедена политичка согласност од најмалку 2/3 од пратениците. Единствен исклучок е оваа постапка и насилната постапка за измена на Уставот по Преспанскиот договор. Согласно со член 196 став 1 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, претресот за измена на Уставот трае 10 работни дена и по завршување на претресот, се пристапува кон гласање. Денес, на 1 септември, завршуваат десетте работни дена откако беше отворена постапката и завршена расправата за измена на Уставот на собраниската седница број 123, закажана и одржана на 18 август. Гласањето мора да се случи најдоцна денес. Секое спротивно постапување не е во согласност со Деловникот. Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија не дозволува неизвесност со постапката од толку високо значење – наведува Вељановски во обраќањето до јавноста.
Тој додава дека седницата за уставните измени може да продолжи по пратеничка иницијатива.
– За излез од оваа ситуација, потребно е согласно со член 67 став 2 од Деловникот за работа на Собранието, минимум 20 пратеници да бараат продолжување на 123. седница, а претседателот на Собранието, согласно со член 24 став 2 од Законот за Собрание, да постапи и свика ad hoc кординација на која би се договорил датумот на продолжување на 123. седница на Собранието, кога ќе треба да се гласаат уставните измени. Доколку претседателот на Собранието на Република Македонија, и покрај барањето на минимум 20 пратеници, не закаже продолжение на седницата, ја презема на себе целата одговорност, се става над сите пратеници и, конечно, го изместува целосно политичкиот систем на институционалната поставеност на уставното уредување на Република Македонија – посочува Вељановски.
На денешната координација со лидерот Христијан Мицкоски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа „да не се одолговлекува процедурата и да се злоупотребува позицијата за да се одолговлекува седницата за уставни измени“.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, спикерот Џафери нема законска обврска да ги стави амандманите на гласање само поради тоа што истекле десетте дена предвидени за собраниска дебата.
– Мислам дека не треба ништо драматично да очекуваме по истекот на овие десет дена и дека собранискиот спикер ќе остане на својата одлука да го закаже гласањето тогаш кога, како што вели тој, ќе се создадат услови за тоа. Нема законска пречка да трае тоа и до последниот ден од мандатот на сегашниот собраниски состав. Односно нема законски рокови и ограничувања кога мора да се стави предлогот на гласање – вели Арсовски.
Но, додава тој, освен роковите за гласање на уставните измени, кои произлегуваат од одржувањето на втората меѓувладина конференција и завршувањето на таканаречениот скрининг-процес, а кои истекуваат во ноември, дополнително пристискаат и роковите за одржувањето на претседателските избори напролет.
– Доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за првата фаза до ноември или најдоцна до крајот на годинава, потоа дури и да има двотретинско мнозиство, ќе нема време да се заврши процесот на уставните измени пред да почне кампањата за претседателските избори. Теоретски, кампањата би можела да тече паралелно, но ако не се обезбеди мнозинство до сто дена пред истекот на мандатот на сегашниот состав на Собранието, тогаш тие и законски не можат да се завршат – заклучува Арсовски.
(И.С.)