Испиени над 25.000 литри вино на „Тиквешки гроздобер 2019“

105

Изминатите денови бевме сведоци на уште еден „Тиквешки гроздобер“ на кој, според организаторите, биле испиени над 25.000 литри вино. Оваа манифестација се одржува секоја година во септември уште од далечната 1964 година и од тогаш, до денес драстично се менува начинот на прослава и изгледот на фестивалот.

– Фестивалот е уште поуспешен од минатата година. Година во која мислевме дека бевме сведоци на најдобриот фестивал до сега, но еве, можело и подобро. Нема ништо поубаво од насмеани ликови, кренати чаши со вино за здравица, распеани друштва – истакна градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Три вечери, три сцени, различни жанрови на музика за сите вкусови. Вечерната програма беше уште подобра и поуспешна од минатата година. Спектаклот беше надополнет со спортски настани, се одржа уште една успешна изложба на олдтајмери, трка со келнери и уште многу други настани преку ден.

– Карневалското дефиле минатата година почна да го враќа својот сјај. Годинава поголем број на карневалски групи, живописни и креативни идеи го збогатија дефилето низ кавадаречките улици. Сите кавадарчани и гости беа сведоци на приказната која се испишуваше под отворено небо – нагласи Јанчев.

Според него, огромен успех е фактот дека во вечерта која беше најпосетена со околу 70.000 посетители, не беше забележан ниту еден инцидент.

– Безбедноста на сите учесници и посетители на фестивалот беше на едно високо ниво, кое треба да ни биде пример за тоа како се работи во такви услови – истакна Јанчев.

Кавадарци се движи кон европските стандарди за организирање на манифестации. Месеци наназад се одржуваа состаноци за безбедност, хигиена, паркирање, сообраќајни проекти. Градоначалникот Јанчев вели дека овој макотрпен процес на крај ги оправда сите вложени напори и напорно работење.

– Кавадарци веќе некое време пишува нова приказна. Се менува ликот, се менуваат навиките на живеење, се менува начинот на функционирање во градот убав. Кавадарци се движи напред, се доближува до современите урбани средини и по изгледот, и по начинот на живеење и по условите кои ги нуди за развој и постигнување успех во сите сфери – рече кавадаречкиот градоначалник.