Искористените заштитни маски и ракавици да се спакуваат во кеси и да се фрлаат во контејнер

149

Комуналното претпријатие сметот го собира во две, наместо во три смени. Оттаму апелираат граѓаните искористените маски и ракавици да ги спакуваат во кеси и да ги фрлат во контејнер. Од „Дрисла“ пак, објаснуваат дека воспоставиле посебен режим на прифаќање и спалување на медицинскиот отпад, особено на оној од Инфективната клиника во Скопје

 

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и депонијата „Дрисла“ работат во вонредни услови. Со цел навремено собирање на сметот при воведен полициски час од комуналното претпријатие информираат дека ѓубрето го собираат во две смени, наместо во три како досега.

– Ќе настојуваме се да завршиме во две смени и отпадот да биде собран секаде, бидејќи од тоа зависи одржувањето на хигиената и чистотата, како и заштитата на здравјето на граѓаните. Ќе се направи нова програма и планови за работа – изјави портпаролот на „Комунална хигиена“, Ана Марија Бранѓолица.

Таа апелираше, граѓаните отпадот да го исфрлаат уредно спакуван и тоа само во садовите за таа намена, со цел да не се создаваат диви депонии што претставуваат директна закана за човековото здравје.

За тоа, што презема претпријатието и на кој начин ги третира искористените заштитни маски и ракавици кои во овој период интензивно се фрлаат во садовите наменети за комунален отпад, но и надвор од нив, Бранѓолица упатува апел до граѓаните кога веќе ги одложуваат да ги спакуваат врзани во кеси за самите тие, но и вработените од „Комунална хигиена“, да се заштитат.

Претпријатието веќе континуира презема низа мерки и активности за дезинфекција и на контејнерите и на нивните микро локации, како и на поголемите скопски булевари и сообраќајници во сите скопски општини.

Медицинскиот отпад, посебно оној од Инфективната клиника, во јавното претпријатие „Дрисла“ сега се третира со преземање на вонредни мерки и процедура. Директорот Коста Начевски за весникот ВЕЧЕР изјави дека работите ги поделиле во две категории. Едната е стандардната процедура за тековниот медицински отпад од приватното и јавно здравство, во согласност со закон, додека другата е за собирање на медицинскиот отпад од Инфективната клиника и од местата каде што има болни, заразени од корона вирусот.

– Во првиот случај се постапува стандардно, се користат маски и ракавици, додека во вториот случај кога собираме контаминиран медицински отпад, вработените користат заштитни комбинезони, очила, маски и ракавици. А, овој отпад се собира во посебен ден. Тој ден не се прима друг медицински отпад, бидејќи печката е обезбедена со посебна ограда. Тогаш комбето со медицинскиот отпад од Инфективната клиника влегува во дворот на печката, а го растовараат вработени од Одделението Печка, опремени со заштитни комбинезони, очила, ракавици и маски. Откако се растовара комбето се дезинфицира веднаш и се враќа во Одделението за медицински отпад за вршење на секојдневните активности -објасни Начевски.

Тој додаде дека истиот ден, вработените кои го истоварале медицинскиот отпад од Инфективната клиника, ја фрлаат заштитната опрема во печката за спалување на медицинскиот отпад , бидејќи таа во согласност со насоките на Светската здравствена организација треба да биде за еднократна употреба.

Освен тоа, тој вели дека комуналниот отпад кој пристигнува заедно со заштитни маски и ракавици подлежи на хемиски процес на дезинфекција.

– Тој отпад се прска и се уништуваат сите бактерии, а секојдневно се вршат испитувања и на водата низ депонијата – истакна Начевски и додаде дека на тој начин се зголемува нивото на заштита.

(А.П.)