Ирска се извини за смртта на 9.000 деца во католичките сиропиталишта

14

Ирска денес официјално се извини за скандалот со домовите за невенчани мајки во кои починале 9.000 деца во периодот помеѓу 1922 и 1998 година. „Државата ве напушти“, рече ирскиот премиер Михаел Мартин пред парламентот, еден ден по објавувањето на долгоочекуваниот извештај.

Извештајот ја потенцира прекумерната смртност во овие институции во сопственост на Католичката црква и државата и општата неприфатливост на општеството да се раѓаат вонбрачни деца, кои тогаш ги сметале за незаконски.

„Се извинувам што направивме голема неправда кон ирските мајки и нивните деца во овие домови“, рече премиерот.

По петгодишна истрага, комисија утврди дека починале 9.000 деца или 15 проценти од 57.000 деца што поминале низ тие институции за 76 години. „Стапката на смртност на деца родени надвор од брак е речиси двојно поголема во тие домови отколку на други места“, истакна премиерот.

Домовите прифаќале девојчиња и млади жени што биле отфрлени од своите семејства и повеќето од нив немале други опции, се вели во извештајот. Истрагата била започната откако доказите за масовни гробишта во Туам биле откриени од страна на локалната историчарка Кетрин Корлес, која била прогонувана од сеќавањата од детството на слабите деца од домот. Остатоците на повеќе од 800 деца (од новороденчиња до тригодишни деца) биле погребани помеѓу 1925 и 1961 година во само еден од домовите, се забележува во извештајот.

Извештајот, кој вклучува 18 таканаречени домови за мајки и деца, каде што младите бремени жени биле изолирани од општеството со децении, е последниот во низата владини документи што откриваат некои од најмрачните акти на Католичката црква.