Инфлацијата во САД значително ќе спласне до крајот на 2023 година

50

Американската министерка за финансии, Џенет Јелен, за американската телевизија „Си-Би-Ес“ изјави дека се очекува значително намалување на инфлацијата во САД во 2023 година, освен ако не дојде до неочекувани шокови.

„Верувам дека до крајот на следната година ќе бидеме сведоци на значително пониска инфлација, доколку не дојде до неочекуван шок“, рече Јелен во интервјуто за „60 минути“ на „Си-Би-Ес“.

Запрашана за веројатноста за рецесија, поранешната претседателка на Американската централна банка (ФЕД) одговори дека постои таков ризик, но оти според неа, тоа не е нешто што е нужно за да се намали инфлацијата.

Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, сигнализираше помалку изразено зголемување на основната каматна стапка за 0,5 процентни поени, во опсегот од 4,25 до 4,5 отсто, откако ФЕД во четири наврати годинава ја зголеми каматната стапка за по 0,75 процентни поени.

Министерката Јелен рече дека економскиот раст значително забавува, инфлацијата се намалува и оти се надева дека пазарот на труд ќе остане во добра кондиција.

Истовремено таа изрази надеж дека скокот на инфлацијата забележан оваа година ќе биде краткотраен, додавајќи дека американската Влада научила „многу лекции” за потребата од намалување на инфлацијата по високите цени од 1970-тите.

Трошоците за испорака се намалени и долгите доцнења во испораките се намалени, додека цените на бензините на бензинските пумпи се „многу пониски“.

„Сметам дека ќе бидеме сведоци на значително намалување на инфлацијата во годината што следи“, рече Јелен.