Инфективна подготвена за најавениот мини пик

217

Во Македонија досега не е детектирана мутација на коронавирус, како таа што забрзано се шири во Велика Британија, но има други мутации, информираше министерот за здравство Венко Филипче.

„Идентичен на тој во Велика Британија во нашата земја нема. Кај нас се детектирани 6-7 соја“, рече Филипче.

Слична на нашата мутација, вели Филипче, во моментов е забележана во Србија и во Швајцарија.

Вакцините од „Фајзер“ за нашата земја се веќе резервирани, а првите од нив се очекува да пристигнат во државата во февруари, рече министерот за здравство. Тој додаде дека во истиот период вакцини се очекува да пристигнат и преку системот „ковакс“.

Дециден е  дека сите вакцини што ќе бидат донесени во земјава ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни, а согласно планот за дистрибуција ќе биде направен и планот за апликација.

Намалувањето на бројот на заразени и на хоспитализирани, смета министерот, делумно се должи на почитување на мерките, а делумно и на тоа што веројатно бројот на заразени е поголем од детектираните и тие се главно асимптоматски. Сепак, Филипче не ја исклучи можноста во следните денови да се случи и мини пик.

Многу работи за вирусот видовме дека не знаеме и дека огромен дел од тоа што доаѓа се претпоставки. Дел се остварија, дел не. Во таа смисла, намалувањето на заразените е делумно поради почитување на мерките – угостителските објекти не работат, нема групирања и тоа се главни работи за намалување на преносот. Има и една епидемиолошка претпоставка дека има поголем број заразени од тие што се детектираат на дневно ниво и кои се асимптоматски и тоа не е случај само кај нас“, рече Филипче.

Министерот најави дека од следната недела во функција ќе се враќаат дел од интерните клиники, и дека полека работата на клиниките ќе се нормализира. Десетина дена затворена е и модуларната болница, каде се лекуваа пациенти со ковид, но Филипче уверува дека слободни болнички легла има и на самата Инфективна.

Институтот за јавно здравје во најновиот извештај регистрира намалување на процентот на позитивни за 19 отсто, а зголемување бројот на оздравени лица во споредба со претходната недела. Во истовреме, намален е бројот и на хоспитализации во болниците, а се бележи и намалување на бројот на смртните случаи.