Интернационален фестивал “ПРО-ЗА Балкан”: Големиот Басара со пет врвни балкански писатели во Скопје

28

Авторот на легендарниот роман “Фама за велосипедистите” годинешниот добитник на наградата “Прозарт” Светислав Басара, ќе биде дел од Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан” во Скопје, на кој од 27 до 29 мај ќе учествуваат и петмина врвни автори Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Ајфер Тунч од Турција, Јуриј Худолин од Словенија и Лејла Каламујиќ од БиХ

Големиот српски писател Светислав Басара, автор на легендарниот роман „Фама за велосипедистите“, кој според многу ранг-листи на критиката се смета за еден од најдобрите српски романи на 20 век, доаѓа во Скопје. Тој е годинешниот добитник на “Прозарт“ – наградата што Интернационалниот литературен фестивал “ПРО-ЗА Балкан“ од Скопје ја доделува за придонес кон развојот на книжевноста на Балканот. На фестивалот кој ќе се одржува од 27 до 29 мај, тој ќе биде во друштво на петмина врвни автори Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Ајфер Тунч од Турција, Јуриј Худолин од Словенија и Лејла Каламујиќ од БиХ.

Прозното творештво на Басара е извонредно богато и разновидно: освен неговите култни романи, тој досега напишал книги со раскази, есеи и колумни. Неговите први прозни дела – “Кинеското писмо” и “Пекинг ноќе”, веднаш го издвоија како најубедлив претставник на постмодернизмот. По овие дела, Басара речиси без прекин создаваше романи кои беа откритие и за српската и за балканската книжевност. Книгите “Дневниците на Марта Коен“ и „Подемот и падот на Паркинсоновата болест“ се омилени и меѓу критичарите и читателите од Балканот и од Европа. Денес, без сомнение делото на Басара е меѓу најугледните во балканскиот книжевен контекст.

“Неговиот луциден прозен исказ, стилското мајсторство и актуелноста на општочовечките, но и на современите теми и дилеми што ги обработува во своите книги го издвојуваат како извонредно интересен и вредносно супериорен балкански прозаист” – се вели во одлуката на Одборот за наградата, која Басара ќе ја прими во Даутпашиниот амам, на затворањето на фестивалот, на 29 мај (19:30 часот).

На тридневниот фестивал, пак, ќе бидат претставени познати балкански писатели. Авторот Перишиќ од Хрватска има издадено 7 книги, а неговиот роман „Нашиот човек во Ирак“ (2007) ја освои наградата “Јутарњи лист” во Хрватска и има многу преводи. Пармаковска за својот трет роман “Одбројување” ја доби наградата “Роман на годината” за 2017. Ајфер Тунч во 1989 година ја освоила престижната државна награда “Јунус Нади” за кратки раскази, а добитник е и на наградата “Балканика” во 2003. Колумните на Худолин од Словенија, се објавени во значајни словенечки весници и списанија, а сценарист е и на 14 играни и документарни филмови. Каламујиќ, пак, е автор на две збирки раскази: “Анатомија на насмевката” и “Викајте ме Естебан” која ја освои наградата “Едо Будиша” за најдобра книга со кратки раскази, а беше во потесниот круг за Европската награда за литература во 2015. Нивните награди и признанија зборуваат за нивниот квалитет и значење за балканската книжевна сцена.

 Скопје фелоушип
Во рамките на фестивалот и годинава ќе се одржи програмата “Скопје фелоушип”, во која гости ќе бидат Јаника Ритер, уредничка на еден од најпознатите светски издавачи – германскиот “Зуркамп” и Џон О’Брајан – основач на најважната издавачка куќа од САД со фокус на преводна литература од Европа и од Балканот, како и Назлиџан Катабаш, литературна агентка од престижната турска агенција “Калем“. Тие ќе се сретнат со писатели од Македонија и со членови на Македонската асоцијација на издавачи.
Тркалезната маса оваа година е на тема “Балканските класици во европската литература: (не) визибилност во 21 век’. Со тоа фестивалот се приклучува кон славењето на Европската година на културното наследство.
“ПРО-ЗА Балкан” и оваа година е во организација на издавачката куќа “Икона”.