Интервју Љупчо Јаневски: Бугарските туристи ја избегнуваат Македонија!

Македонскиот туристички сектор успеа да го надополни минусот на туристи од Бугарија, кои ни се во пад од 70 отсто, поради чувствителната политичка клима. Со отворање нови линии и дестинации како Манчестер – Охрид, Лондон – Охрид со чартер-летови, тој пад се компензира и резултира со зголемување на англиските туристи за 60 отсто, вели Љупчо Јаневски во интервју за весникот ВЕЧЕР

1430

Каква беше годинава во поглед на туризмот досега и што, според Вас, треба да се подобри за уште подобри резултати на македонскиот туризам?

Во последните три години, остварувајќи ги своите планови, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот создаде доволен раст на бројот на туристи со кој го амортизираше падот. Новата туристичка реалност и економските поместувања доведуваат до нестабилност на пазарот и создаваат дополнителен притисок на туристичкиот сектор, кој треба да се приспособи на дадената состојба со создавање нови продукти и со креирање понуда според моменталните трендови и барања на туристите. Македонскиот туристички сектор успеа да го надополни минусот на ноќевања и туристи од Бугарија, кои ни се во пад од 70 отсто, поради чувствителната политичка клима.

Освен турските туристи, кои според последните статистички податоци се најбројни во државата, од кои европски држави може да очекуваме поголем број туристи?

Поради бавното враќање на авиокомпаниите, годинава имаше скратен број чартери. Но, се отворија нови линии – Манчестер – Охрид, Лондон – Охрид со чартер-летови, што резултира со зголемување на англиските туристи за 60 отсто. Исто така, имавме континуитет кај холандските туристи со четири чартери неделно од Холандија; Катовице – Охрид; Белград – Охрид, како и нови летови до други дестинации: Сараево – Скопје, Франкфурт – Скопје, Љубљана – Скопје… Исто така, преку фокусирана промоција надополнета со B2B-средби во туристичкиот сектор, информативни патувања на голем број инфлуенсери и медиуми, како и присуство на саемските манифестации, успеавме да го зголемиме бројот на туристи. Доколку ги преточиме активностите во бројки, во првите три квартали од 2023 година достигнавме 2 милиона 700 илјади ноќевања, односно за 24 отсто поголем туристички промет споредено со најдобрата 2022 година. Скоро со сигурност можам да кажам дека целта од 3,2 милиони ноќевања за 2023 година е остварлива, како и 530 милиони долари туристички промет.

Со оглед на тоа што туризмот придонесе за зголемување на приходите во буџетот, ја помага ли државата доволно оваа гранка? 

АППТ за 2022 година и за 2023 година имаше намалување на буџетот за 80 отсто од проектираниот во стратешките планирања. Во планот за 2024 година се вградени голем број предлози од туристичкото стопанство, а целите се 3,5 милиони ноќевања и повеќе од 550 милиони долари промет во туризмот. Колкава е важноста на туризмот и на неговите резултати за македонската економија, можеме да ја претставиме преку неговото учество во БДП. Во 2011 година, тоа изнесувало 0,4 отсто, во 2018 година – 2,1 отсто, додека во 2022 година учеството во БДП достигна фантастични 3,6 отсто. Овие резултати се доволен показател за потребата од поголема финансиска помош од Владата и од Министерството за финансии и креирање повеќе нови работни места. Туристичката индустрија во Македонија, во овој момент, има 35.000 вработени, кои се блиску 5 отсто од вкупниот број вработени во нашата земја. Континуираното намалување на финансиите на АППТ во последните три години, како и неможноста за вработување млади и стручни лица, може да се одрази врз растот и да предизвика заостанување во туристичката индустрија во споредба со регионот.

На што ќе биде ставен фокусот во туристичките промотивни активности на државата за следната година?

Оваа година, фокусот беше ставен на стабилизирање на пазарите и на агресивна промоција на примарните и на секундарни пазари за да ги достигнеме посакуваните резултати. Додека наредната година ќе работиме на издигнување на новото туристичко лого „Taste Life“ во национално туристичко лого, како и на планот за национална туристичка кампања на светско ниво. Во првиот квартал од 2024 година, ќе присуствуваме на четирите најзначајни саемски манифестации – Мадрид, Истанбул, Белград и Берлин. Сето ова е силна и јасна порака дека знаеме, можеме и дека сакаме да ги надминеме резултатите зацртани во наредните две години. Промотивните активности ќе бидат насочени кон пет области: ено-гастро концептот, активниот туризам, културно-историското богатство, националните паркови и руралниот туризам.

Има ли најави за нови инвестиции во сместувачки капацитети и ќе ја направиме ли Македонија дестинација за четири сезони?

Продолжуваме со континуираните градење и зајакнување на капацитетите во дестинацијата преку проектите „50 села – педесет рурални приказни“. Во наредните пет години, проектот ќе овозможи интервенции во инфраструктурата, нови 1.000 кревети во руралните места, обуки за локалното население, отворање нови работни места и повеќе од 50.000 ноќевања. Означување на винските патишта со патна сигнализација, дигитални алатки и промотивни материјали за ено-гастро концептот и дегустациски центри се дел од активностите. Исто така, ќе работиме на создавање дестинациски менаџмент организации – ДМО, кои ќе помогнат за подобро функционирање на туристичкиот сектор на локално ниво. Во завршна фаза е усогласувањето на законите за автокампови и градежно земјиште, со кои им се овозможува на инвеститорите да инвестираат во нови и модерни автокампови, во кои, во наредните пет години, може да се постигнат дополнителни 500.000 ноќевања. Агенцијата, пред неколку месеци, го предложи новиот модел за субвенционирање на домашните туроператори за домашни гости, со кој се овозможува зголемен број домашни туристи. Истиот модел е усвоен и Министерството за економија и АППТ подготвуваат правилник за функционирање на мерката. Можам да кажам дека растот на домашните туристи е континуиран, што покажува за можноста Македонија сè повеќе да се развива како дестинација за четири сезони. Што, од друга страна, создава можност за нови инвестиции и за вработување во туризмот.

До каде сме во поглед на дигитализацијата на македонскиот туристички сектор и кои се плановите на АППТ за во иднина?

Според светската туристичка организација, сивата зона на балканските земји во туризмот изнесува 40 отсто и е потребно, во наредниот период, таа континуирано да се намалува. Единствениот начин да се постигне тоа е дигитализација на македонскиот туристички сектор и негово ново реархитектуирање. Во таа насока ќе помогне и платформата Е-туризам, преку која ќе се следи секој сегмент на индустријата и ќе се добиваат податоци, кои ќе се користат во планирањата и во изработка на конкурентните стратегии во регионот. Поради тоа, потребно е преминување на АППТ во национална туристичка организација со уште поголеми ингеренции на локално и на централно ниво, создавање министерство за туризам и млади, поголема туристичка инспекција, нови инвестиции и поддршка на секторот. Ова се чекори што треба брзо да се изодат со поддршка од Владата за да имаме успешен туристички сектор. Ни претстојат години во кои треба да се догради туристичката индустрија, која треба да помогне во стабилизирањето на економијата и во брендирањето на државата во светот преку туристичка дипломатија. Потребно е повеќе да веруваме дека можеме да ја оствариме целта што си ја поставуваме за 2025 година од 4 милиони ноќевања и повеќе од 600 милиони долари.

(А.С.)