ИНТЕРВЈУ, Јагода Шахпаска: Во моментов градинките се безбедни, засега не разговараме за нивно затворање

Во основа внатрешна трансмисија на вирусот во градинките нема. Сите случаи што се појавија од нивното отворање, на 9 септември до денес, се резултат на носење на вирусот однадвор. Но, како ќе се одвива ситуацијата во наредниот период и дали прашањето за прекин на работа на градинките ќе се отвори во месеците што следуваат, навистина не можам да кажам, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. Министерката во интервјуто зборува за ослободувањето од работа на бремените жени, за заштита на жртвите од семејно насилство, како и за новото законско решение за недела, неработен ден

261
фото: Ѕ.Плавевски

Здравствените власти ги очекуваат најтешките два месеца, бројот на заразени и починати секојдневно е во пораст. Се размислува ли за повторно затворање на градинките во периодот декември-јануари?

-Како Министерство за труд и социјална политика внимателно и на дневно ниво ја следиме здравствена состојба во градинките, особено од аспект на ширење на вирусот ковид-19. Бројките што ги добиваме укажуваат на тоа дека во градинките доследно се почитуваат протоколите за работа на јавните установи за деца – детски градинки во услови на пандемија и дека тие даваат резултати.

Во основа внатрешна трансмисија на вирусот во градинките нема. Сите случаи што се појавија од нивното отворање, на 9 септември до денес, се резултат на носење на вирусот од надвор.

Но, како ќе се одвива ситуацијата во наредниот период и дали прашањето за прекин на работа на градинките ќе се отвори во месеците што следуваат навистина не можам да кажам. И ние како Министерство и Комисијата за заштита од заразни болести, но и Кризниот штаб внимателно ја следиме состојбата и одлуките ги носиме во зависност од развојот на ситуацијата.

Но, морам да нагласам дека и за мене како министерка и за Владата интересот на децата, нивното здравје, здравјето на вработените се најважни и од тој аспект тргнуваме при носењето на секоја одлука.

Се размислува ли за опција во време на зимскиот распуст за учениците, на пауза да бидат и најмладите во градинките?

Како што и претходно реков сите одлуки што и досега ги носевме и што ќе ги носиме во иднина, пред се зависат од состојбата со Пандемијата предизвикана од ковид-19 и анализите на стручните лица. Наша основна заложба е здравјето на децата и на граѓаните да биде заштитено и од тоа не отстапуваме. Од друга страна институциите, правните субјекти, општеството воопшто треба да бидат функционални, но во онаа мерка во која тоа ќе го дозволи здравствената состојба.

Бремените жени поради корона вирусот се ослободени од работа до декември 2020 година. Што понатаму за оваа категорија?

-Во однос на тоа дали мерката за бремените жени да не одат на работа ќе продолжи и на почетокот на наредната година сè уште не можам да кажам. За тоа Владата на Република Северна Македонија ќе одлучува на предлог на Комисијата за заштита од заразни болести, веројатно на средината или на крајот на декември, пред истекот на постојната мерка. Таа одлука се носи по анализи и препораки на епидемиолозите, на Комисијата која детално ја следи ситуацијата и овде во земјата, но и трендовите во регионот и светот со оглед на тоа што Пандемијата го зафати целиот свет.

Дел од мајките на кои им завршува породилното отсуство до крајот на годинава на социјалните мрежи повторно се активираат со барање за продолжување на породилното отсуство, со иницијатива истото да трае минимум 12 месеци. Можно ли е такво нешто, со оглед на тоа што градинките веќе функционираат?

-Градинките не само што функционираат, туку градинките и вработените во нив, од воспитувачките, негувателките, психолозите како и преостанатиот кадар се покажа дека се високо свесни за својата одговорност што ја имаат во овој исклучително тежок период за нашата земја.

Тие се грижат за дечињата најдобро што можат, ги почитуваат протоколите, а доказ за тоа е што нема ширење на вирусот внатре во градинките. Тоа го потврдуваат и епидемиолозите, но и други лица стручни во областа. И затоа велам во моментов градинките се безбедни, а за тоа какви одлуки ќе се носат понатаму се ќе зависи од состојбата на теренот.

Во моментов, нема причина за продолжување на породилното отсуство, затоа што градинките функционираат во согласност со утврдените Протоколи за заштита од пандемијата ковид-19.

Со примања можеби и двојно помали од просечната плата во Македонија, можеме ли да обезбедиме пристојни услови за живот и учење од далечина за децата кои потекнуваат од семејства од социјален ризик?

-Со имплементацијата на социјалната реформа им помагаме на ранливите категории на граѓани на рамноправна основа да учествуваат во општествениот живот, заедно со останатите граѓани. Од тие причини и ги предложивме  законските измени во Законите за социјална и за детска заштита преку кои обезбедуваме  олеснет пристап до Гарантирана минимална помош и детски и образовен додаток во вонредни околности, како што се соочуваме сега со пандемијата ковид-19.

Со финансиската помош во изминатиот период, државата ги опфати и овие граѓани со цел да им овозможи полесно да го премостат овој период кој е предизвик за целото општество.

Според последните информации мал е процентот на деца коишто не можат да следат онлајн настава. Верувам дека наредниот период тој процент уште повеќе ќе се намали, а во меѓувреме за нив се организирани алтернативни облици на настава како што е ТВ-училница на јавниот радиодифузен сервис МРТВ, а дополнително печатени материјали им се носат дома и се во комуникација со своите наставници.  

За време на полицискиот час, службите за социјална работа евидентирале зголемен број јавувања на жртвите на семејно насилство. Зголемената невработеност за време на пандемијата и финансиските проблеми најчесто дополнително го зголемуваат притисокот. Како ќе се заштитат жртвите на насилниците, со оглед на тоа што повеќето мора да делат ист покрив над глава со нив, а не се исклучува можност за нови карантини?

-За мене како министерка за труд и социјална политика, но и за Владата нултата толеранција за насилството врз жените и семејното насилство е главен приоритет. И затоа сум задоволна што во собраниска процедура доставивме Предлог закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој е темелот, основата во борбата против сите форми на насилство врз жената и семејството.

Насилството врз жените и семејното насилство не се приватна работа и затоа државата треба преку сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство. Токму затоа е важно сите заедно да застанеме зад ова законско решение, кое овозможува надградба на постојниот систем и зајакнување на севкупниот институционален одговор на родово – базираното насилство.

Законот јасно ги дефинира облиците на родово-базирано насилство врз жените и семејно насилство, како и чекорите и мерките кои што треба да ги преземат надлежните институции во поддршка на жртвите и намалување на ризикот за повторување на насилството. Ова е мултисекторски пристап почнувајќи од Министерството за здравство, за внатрешни работи, за образование, но пред се Министерството за труд и социјална политика.

Дополнително, со предложеното законско решение судот има обврска, веднаш а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување на итна мерка за заштита „отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот.

Жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание од страна на надлежните институции, а товарот за докажување е на страната на институцијата и лицето во институцијата што пропуштило да постапи согласно закон.

Станува збор за суштинско, сеопфатно решение кое обезбедува ефикасна заштита и поддршка и затоа очекувам опозицијата да го поддржи законот во интерес на сегашните и потенцијалните жртви.

Зборуваме за инклузивно општество, а друга страна секојдневно сме сведоци дека децата со посебни потреби и понатаму се стигматизирани од врсниците, чести се случаите каде и наставниот кадар не може да ги вклучи тие деца во образовниот систем и бараат од родителите да ги повлечат децата од редовната настава? Како ќе се реши овој проблем, имаме ли доволно специјални едукатори?

-Ние работиме на концептот „Едно општество за сите“. Деинституционализацијата претставува пример за извлекување на лицата сместени во институции, во мали групни домови и во згрижувачки семејства, како чекор најблиску до условите во биолошките семејства.

Ние и во изминатиот период покажавме дека жестоко се спротивставуваме на стереотипите и на стигматизацијата на лицата со попреченост во нашето општество. Доказ за тоа е воспоставувањето на малите групни домови во Тимјаник, каде преку подигнување на јавната свест успеавме да создадеме прифаќање на лицата со попреченост од страна на месното население и нивна инклузија во секојдневието.

Тој процес продолжува и ние нема да отстапиме сè додека и последното лице од овие институции не биде извлечено.

Короната руши рекорди, пред нас е долга и тешка зима. На улиците, пред сè на семафорите, секојдневно гледаме питачи со бебиња, мали деца… Незаштитени од корона, без маски, се втурнуваат на возачите на семафорите. Што ќе преземете? 

Министерството за труд и социјална политика преку Центрите за социјална работа, заедно со Министерството за внатрешни работи презема редовна и координирана акција за превенција и заштита на децата кои се злоупотребени од страна на своите родители и се принудени да бидат на крстосниците и да просат.

Екипите на ЦСР-Скопје имаат распоред на дејствување на неделно ниво, особено во критичните општини Центар, Аеродром и Карпош, каде што е констатирано дека е најголем бројот на деца што просат на крстосници. Кога ќе мапираат полнолетно лице со малолетно дете на улица мешани тимови од ЦСР и МВР му пристапуваат, извршуваат разговор, земаат податоци, по што лицето се носи во надлежната полициска станица во необележано полициско возило, каде што МВР процесуира кривична пријава, а ЦСР ги зема податоците со цел надлежната служба да направи увид во семејството, за да може да изготви решение за вршење надзор на родителско право.

Доколку децата се сами затекнати на улица, тогаш во придружба на социјален работник се носат во полициска станица за да се утврди каде живеат и да се повикаат родителите. Доколку не се достапни родителите и доколку не се пронајдат децата се сместуваат во згрижувачки семејства.

Истовремено, ако овие лица не се во системот на социјална заштита и немаат лична документација, нашите тимови помагаат да извадат лична документација и да аплицираат за права од областа на детската и социјалната заштита.

Истовремено системот обезбедува вклучување на овие деца во образовниот процес и поддршка во следење на наставата.

Се подготвува новото законско решение за недела-неработен ден. Мислењата во јавноста се поделени. Кој губи, кој добива во таа ситуација ? Дали во новото законско решение ќе се слушне и гласот на работниците, тие што сепак ќе мора да работат во неделите да бидат екстра платени?

-Изминативе денови имавме широки консултации и со претставниците на работниците и со претставниците на работодавачите околу законското решение на кое работиме за недела да биде неработен ден.

Мислењето на работниците и на работодавачите за нас се важни и токму затоа изминатата недела заедно со вицепремиерот за економски прашања имавме низа состаноци и со стопанските комори и со синдикатите.

Како што знаете Министерството за труд и социјална политика е носител на процесот, но во овој процес интензивно се вклучени и другите министерства кои имаат надлежности во одредени дејности.

Нашата заложба е недела да биде неработен ден за доминантниот број на граѓани, кои ќе имаат можност тој ден да го поминат со семејството, да седнат заедно на семеен ручек, да бидат заедно. Секако одредени исклучоци мора да има особено во оние дејности коишто се од витално значење за функционирање на системот, како што се здравството, полицијата, комуналните дејности, медиумите, тешката индустрија.. Ние како ресорно Министерство за правата од работниот однос, до Владата поднесовме драфт верзија на Законот за работни односи, со предлог измени во делот на регулацијата на недела како неработен ден. Во наредниот период министерствата треба да се изјаснат за дејностите за кои се тие надлежни, угостителството, трговијата, транспортот, по што ќе се дефинираат деталите.

 Јованка ЦАРУЛЕСКА ГРУЕВСКА