Интервју со Љупчо Јаневски, директор на АППТ: Туризмот годинава ќе го лечиме со туристи од Турција, Полска, Украина и Романија

Пандемијата предизвика големи загуби во македонскиот туризам и ги покажа неговите слабости, недоволно вложување во сместувачки капацитети, недостаток на туристички содржини, негово базирање на квантитет... Приливот од туризмот во првите три квартали од 2020 година е за 41 отсто помал во споредба со истиот период 2019 година, а бројот на странски туристи и ноќевања е намален за 80 отсто. Годинава ќе се фокусираме на стабилност на туристичкиот сектор и во третиот квартал очекуваме да започне неговото заздравување, а во промоцијата поголем акцент ќе дадеме на Турција, Полска, Украина и Романија од каде што очекуваме и поголем број туристи. Очекувам годинава да дојдеме до бројката од 2,5 милиони ноќевања и 250 милиони долари во туристичкиот сектор, а тоа ќе се постигне само со заедничка работа на сите чинители во туризмот, вели во интервју за ВЕЧЕР, Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот

298

Ги покажа ли ковид пандемијата слабостите на македонскиот туризам и насоките по кои треба да се движи за да излезе од минусот и да доживее развој?

Изминатата 2020 година во многу нешта го измени туризмот во глобала. Туристите во дестинациите во кои патуваа го сменија својот фокус, односно повеќе ги посетуваа националните паркови, руралните средини, природните убавини, планините… претпочитувајќи активни форми на туризам и еко-туризам. Поради пандемијата имаме мали групи на туристи кои го креираат својот интерес кога ќе стигнат во дестинацијата, односно сакаат да ја откријат во целост, да ги пробаат локалните производи, специјалитети… Поради неможноста да се патува надвор голем број на земји меѓу кој и Македонија во 2020 година се фокусираа на домашни туристи. Како резултат на тоа имавме зголемување на бројот на ноќевања на домашни туристи во рурални средини, национални паркови, на планините… Во месеците август, септември и октомври во овие дестинации не можеше да се најде сместување и беа пополнети и приватните сместувачки капацитети. Сепак, пандемијата ги покажа и слабите страни на македонскиот туристички сектор низ годините наназад. Во овие дестинации изостануваат вложувања во сместувачки капацитети, туристички содржини и долгорочен развој на еко-туризмот. Пандемијата покажа и многу други слабости, пред се немањето на протоколи за кризни состојби во туризмот и негово базирање на квантитет, фокусирање на дестинации, наместо на регионалност и одржливост.

Какви се очекувањата за зимската туристичка сезона 2020/21. Колкава е пополнетоста на сместувачките капацитети, ќе има ли странски туристи и од каде?

За зимската туристичка сезона 2020/21 сместувачките капацитети во туристичките центри се исполнети до крајот на јануари. АППТ фокусот го стави на Украина, Белорусија и Молдавија, а новата авиолинија Киев-Скопје и активната промоција пред нивните тур-оператори овозможи зголемен интерес и први туристи во нашите ски-центри од овие три земји. Исто така се создадоа зелените зони со Албанија, Србија и Косово за брзо патување на туристи без ПСР-тестови, поради што очекуваме поголем број туристи од овие земји и секако домашни туристи. Странските туристи кои најчесто имаат седумдневни аранжмани престојуваат во хотели, додека пак домашните туристи покрај хотелско користат и приватно сместување, а нивниот престој го комбинираат со нивните работни обврски, за викенд, на еден ден итн.

Пандемијата ги ограничи патувањата, го намали бројот на странски туристи и ги зголеми загубите. Дали поголемиот број на домашни туристи успеаја да го спасат туризмот?

Многу пати за време на пандемијата го користевме зборот спасување, но тоа е реалност за туристичкиот сектор во 2020 година. Во првата половина од 2021 година македонскиот туризам ќе се базира на домашни туристи, туристи од регионот и традиционалните пазари. Анализирајќи ја започнатата зимска сезона може да заклучиме дека сепак доминираат домашните туристи. Секако и покрај желбата за поголем број туристи не треба да заборавиме на почитување на здравствените протоколи и да ги избегнеме проблемите кои можат да настанат. Не би сакал да се повторат сликите со отпадот, инфраструктурата и падот на услугата што беше случај во некои од нашите туристички дестинации летово. Сето ова се случува поради масовни посети на одредени туристички дестинации и висока концентрација на дневни туристи.

Со оглед на тоа дека заврши 2020 година, може ли поконкретно да ни кажете колкави се загубите во туризмот и дали во 2021 година ќе можеме барем делумно да ги надополниме?

Во првите два месеца од 2020 година во македонскиот туристички сектор имавме одлични резултати со скок помеѓу 15 и 20 отсто на бројот на туристи и ноќевања. Тоа беше добар знак дека ќе имаме многу успешна година во туризмот, но, за жал, случувањата со пандемијата и потребата од ограничување на патувањата создадоа црна дупка во која се најде целиот свет трудејќи се да направи баланс помеѓу мерките за заштита и какво-такво функционирање на економијата. Годишните стратегиски планови се сведоа на оперативни, квартални и месечни се со цел да се сочуваат сите работни места и да започне функционирањето на туристичкиот сектор во Македонија. Во 2020 година македонскиот туристички сектор ги изгуби двете туристички дестинации Скопје и Охрид, кој во 2019 година акумулираа повеќе од 65 отсто на странски туристи и ноќевања. Во првите три квартали од 2020 во економијата од туризмот се влеале 181 милион долари што е за 41 отсто помалку во споредба со истиот период 2019 година. Остварените ноќевања на домашните туристи во 2020 се во рамките на 1,5 милиони ноќевања, додека бројот на странски туристи и ноќевања има пад од 80 отсто. Ова дава доволна причина да се започне со длабока анализа на состојбата на туристичкиот сектор во Македонија врз основа на која ќе го базираме развојот на туризмот во наредните 5 до 10 години.

Дадоа ли ефект владините мерките за помош на туризмот, ќе продолжат ли истите во 2021 година и ќе има ли и нови оглед на фактот дека туризмот беше еден од најпогодените сектори?

АППТ во текот на август и септември изработи дополнителни истражувања со што го подготви стратегиското планирање за фокусот и целите за 2021 година. Тоа се базира на неколку столбови, продолжување на кампањата „дома си е дома“, со која ќе ги мотивираме домашните туристи да ги истражат сè уште ретко посетените туристички дестинации, нови атракции и запознавање на својата татковина на уште поразличен начин. Ќе реализираме поголем број проекти кои ќе овозможат повеќе нови атракции, реализација на проектот за 10 најискачувани врвови, новиот проект „Скопје град на солидарноста“, развој на гастрономскиот туризам, поголема насоченост кон посета на музеите… Ваучерите што беа издадени како мерка за помош на туристичкиот сектор го дадоа својот ефект, но тие треба да претрпат одредено подобрување се со цел нивно поголемо искористување, проширување на целната група и нивно искористување преку туристичките агенции. Ќе се фокусираме на стабилност на туристичкиот сектор и во третиот квартал од 2021 година очекуваме да започне неговото заздравување. Мерките кои треба да бидат предложени за помош на туристичкиот сектор треба да бидат добро испланирани со цел да обезбедат стабилизирање на секторот и негова одржливост.

Имате ли стратегија како ќе се развива туризмот во 2021 година. Ќе продолжите ли со туристичка промоција на државата и со привлекување на поголем број странски туристи?

Во едно сум сигурен дека сме повеќе искусни од 2020 година, што ќе ни помогне подобро да ги испланираме случувањата во туристичкиот сектор во 2021 година. Ќе продолжиме со промовирање на Македонија како туристичка дестинација со фокус на регионот, бидејќи во 2019 година од вкупниот број на странски туристи, 49 отсто од биле од земјите од регионот. Поголем акцент годинава ќе дадеме на Турција, Полска, Украина и Романија од каде што очекуваме поголем број туристи. Очекувам годинава да дојдеме до бројката од 2,5 милиони ноќевања и 250 милиони долари во туристичкиот сектор, а тоа ќе се постигне само со заедничка работа на сите чинители во туризмот. И годинава дури 60 отсто од вкупниот број туристи и остварени ноќевања ќе бидат од домашни туристи, а во зависност од состојбата со ковид-пандемијата се очекува и внимателно отворање кон традиционалните пазари. Фокус групите на туристи, како и нивните интереси во дестинациите се драстично променети. Сè повеќе треба да нудиме алтернативни форми на туризам, гастрономски, еколошки, авантуристички… Очекувам за многу кратко време, заедно со Министерството за економија и коморите, да ја создадеме стратегијата за закрепнување на македонскиот туристички сектор во следните три години.

(А.С.)